Судскиот совет на затворена седница се очекува да донесе одлука кандидатите на претседател на најголемите судови во државата Кривичниот и Врховниот да поминат вонредна проверка на квалитетите и условите кои треба да ги исполнат за да седнат на првото столче во судовите кои одлучуваат за предмети од организиран криминал и предметите на Специјалното обвинителство, објави телевизија Телма. Тема на дискусија ќе бидат и последните случувања во Кривичниот суд, кривичните пријави меѓу судиите, писмото против Панчевски. Советот нема да расправа за инцидентот на судската администрација.
Панчевски, Џолев, Туфегџиќ, Неделкова, кандидатите за претседател на Кривичниот и Врховниот суд ќе одат на вонредно оценување и проверка на нивната работа која ќе ја прави Судскиот совет. Оваа одлука се очекува да биде изгласана на седница во среда на затворена седница за јавноста.
Вонредното испитување на работата на судиите го предвидува Законот за судски совет, а проверката ќе ги опфати кандидатите за претседатели на Кривичниот, Врховниот и судовите во Тетово и Штип. Седницата ќе биде затворена за јавност бидејќи самото оценување на судии не се врши јавно. Зад затворени врати членовите на судскиот совет ќе дискутираат и за состојбите во Основниот суд еден во Скопје. Повод за оваква невообичаена точна на дневен ред се кривичната пријава и контра кривичната на судијата Иван Џолев и неговиот шеф Владимир Панчевски.