Телма: Обидот на ДПМНЕ да прикаже дека сите медиуми се исти е провидна лага

by Фокус

Партијата ВМРО-ДПМНЕ лиферуваше соопштение во јавноста во кое ја нападна телевизија Tелма за пристрасно известување во вестите.

Според ВМРО ДПМНЕ, во нашите вести,  вчера имало четири прилози, во време траење од 650 секунди во кои, како што пишува во соопштението, индиректно, преку инсинуации било оцрнувано ВМРО, а биле застапувани позициите на СДСМ.

Веројатно се алудира на оној срамен чин на Уставниот суд, со кој за да се спасат осомничени за изборен криминал од владејачката партија, беше овозможено помилување и на педофили.

Такво дезавуирање на институциите во Македонија, поткопување на правната сигурност на граѓаните, и давање потстрек и храброст на изборните фалсификатори и предаторите педофили кои ги загрозуваат нашите деца, Телма телевизија секогаш ќе го осудува, независно од каде доаѓаат.

Инаку, осудата на чинот со кој петмина судии на Уставниот суд се самопонижија, дојде од проминентни авторитети и професори, а не во  директен редакциски коментар на телевизијата, кој не ни е пракса.

Но, со самото тоа, што ВМРО – ДПМНЕ се најде погодено од реакциите во јавноста, експлицитно признаваат дека тие стојат зад гласањето во Уставниот суд.

Едновремено, ВМРО ДПМНЕ протестира зошто сношти на Топ тема, и било отстапено време од три илјади и 900 секунди на потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска.

Целата македонска јавност знае дека не постоело издание на Топ тема, во кое не биле повикани и претставници на ВМРО- ДПМНЕ, во фер дебата да ги кажат нивните ставови.

За жал, ВМРО-ДПМНЕ, навикната  нејзините функционири да гостуваат само на нарачани интервјуа, во од нив контролирани медиуми, одбиваат да земат учество во јавна дебата.

Освен што десет години ја ускратуваат дебатата во која граѓаните ќе можат да ги видат реално спротивставените аргументи на сите страни, што е спротивно на демократските и европските практики, тие сега одат и чекор понатаму, и сатанизираат било каков обид на форма за политичка дебата и интервју.

Се разбира, во ВМРО ДПМНЕ знаат дека истите тие 3.900 секунди минатиот четврток му беа отстапени на актуелниот кминистер за надворешни работи Никола Поповски.

Како што знаат и дека има покана истиот тој простор да го искористи и нивниот лидер на партијата Никола Груевски.

Но, зад ова соопштение на ВМРО-ДПМНЕ има и подлабоки мотиви. Партијата која го урниса слободното и фер новинарство во изминативе десет години, за време на чиј мандат Македонија во слободата на информирањето падна од 34 на 140 место во свет, очајнички се обидува да прикаже дека сите медиуми се исти, и дека сите се пристрасни за едната или другата страна. Но, ова е провидна лага и спин.

Телма, која секогаш ќе биде објективна, балансирана и на страната на интересот на јавноста, а не на политичките партии кои се обидуваат да го киднапираат секој сегмент од општеството, одлучно ќе се спротивставува на ваквите обиди за релативизација и ставање знак на равенство меѓу објективните и крајно пристрасните и тенденциозните, и ќе продолжи со својата објективна уредувачка политика, без да подлегне на притисок од било која партија.

Поврзани новости