Телеком Србија отвора филијала во Македонија

by fokus

Генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, денеска најави дека Телеком на 16 ноември ќе ја отвори првата експозитура во Македонија и најави отварање на редакција на Блумберг Адрија за бизнис вести во Скопје, јави дописникот на МИА од Белград.

-Почнуваме со сателитска телевизија, а во март или април почнуваме и со мобилна телефонија во Северна Македонија, изјави Лучиќ гостувајќи на ТВ Прва.

Тој додаде дека првата експозитура во Македонија ќе биде отворена во центарот на Скопје.

Во денешното интервју за Ало, директорот на Телеком Србија зборуваше и за неодамна официјално објавениот договор со Блумберг за отворање на регионална медиумска куќа која ќе се занимава со бизнис вести и за отворање на редакција на Блумберг Адриа во Северна Македонија.

– Направивме голем чекор напред со две медиумски партнерства, со Eуроњус и Блумберг. Проектот на Блумберг е уште поамбициозен од Eуроњус. Блумберг Адриа ќе има редакции во пет земји – Србија, БиХ, Словенија, Хрватска и Северна Македонија, а седиштето ќе биде во Белград. Блумберг е бренд за вистински економски информации. Тие дополнително ќе придонесат за унапредување на домашната економија, па преку Блумберг ќе можат да се промовираат насекаде во светот, а ќе имаат и сериозно и многу конкретно значење за соработката на економиите во регионот. Со врзување за такви брендови со неприкосновен меѓународен легитимитет, Телеком покажува дека сака што е можно повеќе квалитетни медиумски канали и, како во случајот со Водафон и Премиер лигата, покажува дека најголемите светски компании навистина сакаат да соработуваат со нас, изјави Лучиќ.

Телеком Србија а.д. Белград е српски државен телекомуникациски оператор, основан како акционерско друштво во јуни 1997 година.

Поврзани новости