Телефонските говорници во Њујорк заминуваат во историјата

by Fokus

Означувајќи го крајот на една ера, властите на Њујорк неделава ги отстранија речиси сите телефонски говорници во градот, коишто станаа „технолошки жртви“ на сеприсутноста на бесплатен интернет и паметни телефони последниве години.

Покрај практичната намена, телефонските говорници со десетлетија се појавуваа и во поп-културата – од стрипови до холивудски блокбастери и ТВ-серии. Но, обожавателите на Супермен, на пр., ќе се утешат со фактот дека њујоршката општина Менхетн ќе задржи четири говорници. Познатите „пресоблекувалници“ на стрип-јунакот Кларк Кент – „Човек од челик“, ќе бидат зачувани како потсетници на не така далечното минато.

Градоначалникот на Менхетн, Марк Левин во коментар на Твитер нагласи дека сѐ уште чувствува носталгија, при отстранувањето на говорниците.

END OF AN ERA.

NYC’s last free-standing pay phones removed this a.m. in Times Sq. (7th Ave & 50th St.).

No more fishing in your pocket for quarters.pic.twitter.com/ZtRhzWPp4G

— Mark D. Levine (@MarkLevineNYC) May 23, 2022

„Тоа е навистина крај на една ера. Последните три телефонски говорници на плоштадот ‘Тајмс сквер’ се отстранети. Нема веќе „ловење“ парички по вашите џебови“, напиша Левин на Твитер.

„Но, се надеваме – ова е и почеток на нова ера, со поголема правичност во пристапот до технологијата“, додава подолу Левин, имајќи предвид на населбите во северен Менхетн, како што е Харлем, коишто се помалку покриени со телефонски и интернет-мрежи.

До денес, 8.400 говорници се постепено отстранети во различни делови на Њујорк. Во 2015 година, Менхетн почна да поставува илјадници пристапни точки на „Линк-НЈС“, нудејќи Ви-фи интернет и бесплатни локални повици. Овие нови киосци постепено ќе се поврзуваат со 5-Г мрежата.

Поврзани новости