Премиерот Талат Џафери вели дека треба да се согледаат причините за тоа како дошло до штрајк во Фондот за здравствено осигурување и дека треба да се разгледа одлуката со која се препорачува намалување на платите на вработените во ФЗОМ.
– Веќе имавме координативна средба со институциите за да согледаме од каде потекнуваат причините за тоа. И секако институциите добиваат соодветна критика зошто дошле во ситуација по пат на јавен искажан став, преку протести и штрајк, да се дојде до право коешто е стекнато со определени одлуки, и веројатно тоа е оставштина од начинот на менаџирање на соодветните институции кои се надлежни по односните прашања – рече Џафери во интервју за државната МИА.
Тој посочува дека треба да се доразгледа во кој дел одлуката е спорна и зошто требало да дојде до штрајк.
– Во однос на ФЗОМ е последица на Законот односно одлука која што ќе треба да се доразгледа, во кој дел е спорна и зошто требало како резултат на одлука за методологија на определување на бодови на обезбедување на платите за да се дефинира точно каде е изворот на тоа – рече Џафери.
Вработените во Фондот за здравство штрајкуваат поради препораката на Владата за намалување на платите за 21%.
Од Владата побараа на денешната седница да го повлече предлогот даден до Управниот одбор за намалување на платите.