Министерот за внатрешни работи и дополнителниот заменик министер во техничката влада поднеле кривични пријави до Обвинителството, но Обвинителството им ги отфрли со образложениое дека функционирањето на техничката Влада претставува политичко прашање, а спорните прашања меѓу членовите на техничката Влада претставуваат предмет на други со закон регулирани постапки. Министерот за внатрешни работи во техничката влада поднел кривични пријави против премиерот во техничката влада, а дополнителниот заменик министер за внатрешни поднел пријава против техничкиот министер за внатрешни работи.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи поднел кривична пријава против техничкиот министер за внатрешни работи за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „несовесно работење во службата“ за телеграмата која ја издал министерот со која наредил да не се подигаат решенија потпишани од поранешниот министер и дека донел 89 незаконски решенија за прераспоредување на раководни работници.
– Пријавениот иако знаел дека во Одлуката на Владата од овие решенија биле поништени во целост, испратил телеграма до сите организациони единици и побарал почитување на неговите поништени решенија, а на 14-ти истиот месец издал нови решенија со кои на работните места од раководните работници од МВР кои користеле платено осуство од работа распоредил работници од времен карактер за замена на привремено отсутните работници, а во месец февруари објавил и интерни огласи за распоредување на работници во МВР, кои одлуки биле само со негов потпис, се наведува во соопштението.
Обвинителството ја отфрлило пријавата со образложение дека пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Техничкиот министер пак поднел кривични пријави против техничкиот премиер, кој претходно беше министер за внатрешни работи за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, за што претходно бил отворен предмет по допрен глас, а дополнително поднел и друга кривична пријава против техничкиот премиер за кривично дело „несовесно работење во службата“.
-Предметот отворен по допрен глас и поднесената кривична пријава се однесуваат на поништени решенија на седница на Владата. Според наводите, на 15 февруари 2020 година како точка на Дневен ред била ставена и точката поништување на решенија донесени од страна на техничкиот министер за внатрешни работи за распоредување на вработени во МВР и таа точка била усвоена од Владата. Во пријавата техничкиот министер за внатрешни работи наведува дека бројот на решенијата за поништување, што била точка на Дневниот ред на Владата, не соодветствува на бројот на решенијата објавени во Службен весник на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.
Дополнително, техничкиот министер за внатрешни работи поднел кривична пријава против техничкиот премиер, која се однесува на тоа, дека на 23 јуни 2020 година Владата донела Одлука за поништување на Решението за именување на началник и дополнителен заменик началник во СВР Тетово. По оваа кривична пријава надлежен јавен обвинител направил проверки во Владата од каде биле доставени податоци и по анализа на наводите во кривичните пријави, прилозите кон нив и дополнително прибавените податоци, донел Решение со кое се отфрла кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
– И во двата предмети, надлежните јавни обвинители во донесените решенија утврдија дека заштитата на правата по донесените и поништените решенија може да се остварат во други со закон регулирани постапки, а не со кривично-правна интервенција, наведуваат од Јавното обвинителство.