Техеран денеска побара итна седница на Советот за безбедност на ОН, поради нападот на Израел, соопшти иранската мисија во Обединетите нации.
– Исламската Република Иран бара од претседавачот на Советот за безбедност да свика итен состанок за да разговара за ова сериозно прекршување и незаконски дејствија и да го изведе овој криминален режим пред лицето на правдата – се наведува во писмото на постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Саид Иравани.
Тој го упати писмото до актуелниот претседател на Советот за безбедност на ОН, швајцарскиот претставник Паскал Кристин Берсвил и генералниот секретар Антонио Гутереш, пренесува РИА Новости.
Израелската армија синоќа го нападна Иран, а за време на нападот, кој траеше пет часа, мета беа 20 цели во таа земја, а загинаа четворица војници.
Серија експлозии се слушнаа во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври.