Тече постапката за испраќање на над 10 амбасадори

Од Владата ни одговорија дека на отворена седница немало одлука во однос на кадровски решенија за амбасадори, додека од МНР посочуваат оваа постапка е доверлива се до добивањето на агреман.

by Фокус

Над 10 кадровски решенија за пополнување на испразнетите амбасадорски места го минале владиниот филтер на предлог на Министерството за надворешни работи и чекаат да биде финализирана постапката, која предвидува да добијат Указ од претседателот на државата и агреман од земјата-домаќин пред да бидат соопштени во јавност.

„Фокус“ се обрати до Владата за проверка на оваа информација, но од таму добивме одговор дека такво нешто не се случило на отворена седница, додека одлуките на затворена седница не се за објавување во јавност. Прашавме и во МНР, од каде го добивме следниот одговор:

-Упатувањето амбасадори, односно шефови на дипломатски и конзуларни претставништва на Северна Македонија е регулирано со Законот за надворешни работи кој предвидува сложена постапка за именување на амбасадор, врз база на усогласеност од Министерството за надворешни работи и Претседателот, одобрување од Владата, како и агреман од државата на приемот.

Се работи за комплексен процес во кој своја улога има и Собранието, преку посебно излагање на предлог – амбасадорите пред Комисијата за надворешна политика; тоа е суштински елемент од постапката низ која не само што пратениците имаат можност да ги испрашуваат предложените амбасадори, туку овие седници се јавни за што и широката јавност има можност директно да запознае кој ќе ја претставува земјата во странство.

Сѐ до завршувањето на оваа постапка (добивањето агреман), овие податоци се доверливи и за тоа постои добра причина“.

Воедно, од МНР велат дека јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница, не само што претставува грубо кршење на законот, туку претставува дипломатски скандал со кој се минираат државните позиции, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на меѓународниот углед на земјата.

-Шпекулирањето и објавување имиња на предлози, пред за тоа да се добие агреман од земјата – домаќин, ја загрозува улогата на самите амбасадори уште пред да бидат упатени, а во многу непријатна положба ги става и институциите на земјата – домаќин, чии процес на одобрување е сега контаминиран со шпекулациите од страна на ВМРО-ДПМНЕ

Во истата насока, ја повикуваме ВМРО – ДПМНЕ за одговорно однесување, согласно дипломатските кодекси и узанси и почитување на принципите на Виенската конвенција за дипломатски и конзуларни односи.

Имајќи предвид дека Претседавач со Комисијата за надворешна политика е до редовите на оваа партија, она што граѓаните и дипломатската јавност очекува е целосно да се стави во функција овој механизам од процесот како најдобар начин да се обезбеди јавен увид врз целиот процес, велат од МНР.

Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека изборот на амбасадори е лош и катастрофален, при што посочија дека предлог амбасадор за ДКП Лондон била Катерина Ставревска, некогашен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска.

Вработените во МО сведочат за вршење на мобинг, а јавноста можеше со свои очи да види како Ставревска со својата шефица Шекеринска прават злоупотреба на државен хеликоптер за прошетка и дегустација на вина. И сето тоа врз грбот на граѓаните на Македонија“, реагираа од опозициската партија.

Инаку, во јавноста излегоа повеќе имиња. Во таа насока, Васко Ковачевски се споменува како иден амбасадор во Париз, Андреј Жерновски треба да замине во Романија, а во Белград ќе се сели довчерашниот министер за правда Никола Тупанчевски.

Кариерниот дипломат Игор Попов, кој претходно беше наш амбасадор во Словенија и Холандија и има децениско дипломатско искуство е предложен за амбасадор во Бразил. Емил Крстевски е изборот за Прага, Пајо Авировиќ за ОБСЕ, Џенек Сејфула во Стокхолм, Шпенд Садики во Израел, Јасмин Ќахил во Варшава и Јакуп Реџепи во Сараево.

В.С.

Поврзани новости