Популарната српска турбо фолк пејачка Теа Таировиќ (25) е една од честите гостинки во нашите клубови, која во изминатиот период имаше доста гостувања во повеќе градови во земјава.
Пред десеттина дена пееше во ноќни клубови во Штип и Струмица, а во сабота ќе гостува во Гевгелија. Неодамна се дружеше и со публиката во Скопје, Кочани, Виница, Гостивар, Велес… Ја канат во дискотеки, но и на наши свадби.
Пејачката на сцената е присутна релативно краток период, односно околу пет-шест години, а популарноста нагло и порасна по објавата на видео записи на кои добива огромни бакшиши. Освен по добивањето на големи бакшиши на сцената, позната е и по провокативните настапи и видео спотови, но и по екплицитните сцени кои се појавија во етерот неодамна.
Околу 5.000 евра за рефрен, 14.000 евра бакшиш на свадба, и многу слични наслови пропратени со видео снимки на кои Таировиќ е опсипана со евра и долари, редовно се објавуваат во медиумите во соседството.
И по нејзините настапи во Струмица и Штип изминатата недела се објавија голем број на видео снимки на кои се гледа како расположени луѓе од публиката фрлаат банкноти пред неа додека им пее.
-Вие сте мои и јас сум ваша! – порача таа пред неколку месеци по настапот во Скопје, појаснувајќи дека публиката во Македонија секогаш и ја враќала насмевката на лицето.
Сопственици на клубови во земјава каде гостувала, потврдуваат дека влезниците за Таировиќ се продаваат додека да трепнеш, со што и е оправдан епитетот дека е една од најбараните на Балканот.
Иако се чести јавните дискусии дека турбо фолкот е неквалитетна музика препознатлива како кич, сепак побарувачката за Таировиќ и низа на други пејачки со слични репертоари покажува дека голем дел од нашиот народ, и покрај се, ужива во нивните настапи и не жали да плати за да ги слуша и гледа овие изведувачки.
-Го нудиме она кое се бара. Дали пеат квалитетна музика или не, успеваат да ги наполнат дискотеките до последно место. А музиката, се е тоа прашање на личен вкус и избор, никој не е присилен да го слуша она кое не го сака – раскажува еден од сопствениците на локали во кои гостуваат регионални турбо-фолкери.
Без оглед на критиките, песните за силиконски убавици, џипови и живот на висока нога, сепак успеваат да ги распродадат влезниците во клубвите и да ги наполнат истите, дури и во ек на пандемија. Покрај Таировиќ, викендов во земјава доаѓаат и Дарко Лазиќ, Мирза Селимовиќ и други.
Вики Клинчарова