Популарната српска турбо фолк пејачка Теа Таировиќ пред неколку дена ги забавувала нашите иселеници во Америка. Таа настапила во салата на црквата ,,Свети Кирил и Методиј” во Њу Џерси, а додека пеела на грбот го носела знамето со ѕвездата од Кутлеш.
Воодушевени од пејачката, нашинци кои биле на настанот споделија видео на кое Таировиќ го пее големиот хит на Ефто Пупиноски, ,,Лихнида кајче веслаше”, песна компонирана од Пупиноски, додека пак текстот е на Миролсав Кузман.
Композицијата му донесе прво место на Ефто на Валандово Фолк Фест во 1986 година, и истата по некое време беше препеана и од Мики Јевремовиќ. По неколку години и бугарскиот пејач Панајот Панајотов направи обработка на истата, со наслов ,,Охридското Езеро”, со текст на бугарски јазик.
Таировиќ, која е честа гостинка во Македонија и има редовни настапи во наши клубови и дискотеки, неретко изведува македонски песни. На нејзиниот репертоар за време на концертите во земјава редовно се наоѓа и ,,Македонско девојче”.
Таа го најави својот голем концерт во Скопје, кој треба да се одржи на 16-ти декември во салата ,,Јане Сандански” и го наслови ,,Една ноќ во Скопје”. Истиот е со почеток од 20 часот, а ќе траел до еден часот по полноќ. Влезниците се пуштени во продажба по цени од 700 денари, а ВИП пакетите се движат од 6.500 до 12.000 денари.
Вики Клинчарова