Работи ли нешто „Македонија пат“ и толку ли е неспособна да ги исчисти сите два автопатишта што оваа држава ги има? Работи ли нешто фамозниот добитник на тендерот од огромни 2 милиони евра за сечење гранки и косење трева на патиштата низ Македонија?
Пишува: Александар НИКОЛОСКИ
Ако погледнеме околу себе на улиците по кои возиме, на тротоарите по кои одиме, на автопатиштата и на регионалните патишта по кои патуваме, на излетничките места, низ парковите и местата за одмор, на планините и езерата, никогаш, ама буквално никогаш немало толку отпад колку што има сега.
Македонија никогаш не била понечиста. Тони пластика околу нас, ѓубре што го има насекаде, прашина, загаден воздух, загадена вода…
Ова, за жал, е тажната слика за Македонија, која откако зимата заминува и снегот го снемува, и на планините станува сѐ поочигледна и појасна.
Едноставно сите тонеме во нечистотијата околу нас. Низ Вардар, тони пластика се слеваат директно во Егејско Море. Тоа е тажната слика.
ДА СЕ ПОГЛЕДНЕМЕ И СЕБЕ
Работи ли нешто „Македонија пат“ и толку ли е неспособна да ги исчисти сите два автопатишта што оваа држава ги има? Работи ли нешто фамозниот добитник на тендерот од огромни 2 милиони евра за сечење гранки и косење трева на патиштата низ Македонија?
Работат ли нешто надлежните институции, ќе соберат ли сила да ги исчистат Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Пониква, Беровско, сега откако снегот се стопи и сметот повторно излегува на површина?
Сево ова што го пишувам нема потреба ни научно да се докажува, ни да се вадат статистики или податоци, само свртете се околу себе и видете на што личи државата.
Тука треба да се погледнеме и себе. И да се прашаме дали имаме култура на живот и однос кон јавното добро. Како е возможно домовите да ни се совршено средени и чисти, а кога ќе излеземе надвор од нашите станови и куќи да е така нечисто?
Како е возможно самите толку да ѝ наштетуваме на околината во која живееме и да не сме спремни малку од своето време да посветиме да ја исчистиме.
Да, точно е, постојат надлежни институции задолжени за тоа и веќе ги критикував погоре во овој текст, но факт е дека и самите треба да понесеме одговорност.
Загадениот воздух, нечистата околина и загадената вода убиваат! Во состојба во која е Македонија, нормални држави прогласуваат вонредна состојба! Ги ангажираат сите институции да се справат со состојбата како и сите експерти да понудат решенија.
МУЛТИРЕСОРСКО ТЕЛО
Сметам дека владата треба да формира мултиресорско тело од претставници на централната и на локалната власт, кое ќе носи насоки како да се справи со загаденоста, истите како заклучоци да се слеваат кон министерствата и единиците на локалната самоуправа. Се надевам дека владата ќе има доблест да влезе во решавање на овој проблем, зашто веќе е дванаесет и пет минути.
Во тоа тело треба да ги покани медиумите, универзитетите и врвните експерти по екологија што оваа држава ги има, со што би изработиле медиумска и теренска кампања, која би допрела до секој граѓанин.
Во неа да се објасни колку е значајно за себе и за идните генерации, животната средина да се штити, да се внимава да не се загадува воздухот, почвата и водата.
Де се едуцираат и младите за нивниот однос кон животната средина и да сфатат дека тоа е однос кон себе и квалитетот на сопствениот живот. Медиумите да го сторат својот дел, а експертите и универзитетите да тргнат и на терен да ги едуцираат граѓаните.
Сметам дека со една сеопфатна стратегија уште во првата година може да се исчисти Македонија и да стане попријатно место за живеење. Тоа ќе биде нов квалитет во животот на граѓаните.
Ќе се намалат трошоците за здравствена грижа, а ќе се стимулира и стопанството и, пред сѐ, туризмот. Темата е голема и е силен предизвик и се надевам дека целото општество ќе се обедини зашто ова е тема надвор од политиката и од избори, ова е тема за животот и иднината.
(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)