Во Врховниот суд на денешната јавна седница за жалбата против мерката притвор на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, низ солзи му кажа на судот дека не му е важно каде ќе ја дочека разрешницата на случајот.
Ѓорчевски кажа дека е на два света, а дека сам ќе одлучи дали ќе остане со помладата ќерка или ќе и се придружи на Вања, на постарата ќерка.
– Јас сум на два света во моментов. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го земаа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката ќе донесам лична одлука дали ќе се и придружам на постарата ќерка – рече Ѓорчевски.
Неговиот адвокат Владимир Туфегчиќ во образложението зошто бара укинување на притворот за Ѓорчевски рече дека одлката на Апелацискиот суд Скопје е во спротивност со Европската конвенција за човекови права.
„Скоро 4 месеци трае притворот, а нам не ни е дадена барем една индиција дека Обвинителството има основано сомнение дека Ѓорчевски сторил кривично дело“, рече адвокатот.
Малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември минатата година.