Таткото на убиениот Тричковски до Беџети: Дали Бекир Асани ви удри шамар?

by fokus

На денешното рочиште за случајот “Монструм” сведочеше поранешниот министер за правда Блерим Беџети и актуелен градоначалник на Сарај.

Откако одговори на прашањата на судијата Огнен Ставрев и обвинителот Гаврил Бубевски, прашања му поставија и родителите на убиените деца кај Смиљковското Езеро.

Таткото на убиениот Кире Тричковски најпрвин го праша дали некој му вршел притисок во врска со постапувањето околу случајот и дали го познава Бекир Асани, на што Беџети му одговори со прашање, односно го праша дали му личи на човек кој подлегнува на притисок?

Тогаш таткото го праша дали е точно дека Бекир Асани од ДУИ му удрил шамар затоа што ја потпишал екстрадицијата за двајцата обвинети Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

Беџети се навреди од прашањето.

-Не заслужувате одговор на прашањето. Немате почит. Не сте на ниво. Јас ја разбирам вашата болка па затоа нема да ви дадам друг одговор, рече сведокот Беџети.

Тричковски тогаш му кажа дека информацијата ја сметал за релевантна бидејќи им ја кажал тогашниот премиер Никола Груевски.

-Па донесете го во судница Груевски и нека го каже тоа, рече Беџети.

Тогаш и додаде: Го знам Асани, никогаш не ми вршел протисок, ниту ми се јавувал, рече градоначалникот.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости