Таткото на хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје, денеска пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд во Скопје изјави дека се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетите.
Игор Тот, таткото на Денис, кажа дека од денот кога тоа се случи, за нив затанал животот.
– Повеќе сме на доктор и на лекови, многу тешко функционираме, и сопругата и јас и брат му кој е во Холандија, работи, игра. Денеска само очекуваме конечно да се дознае вистината. Да видиме како било, дали обвинетите се виновни, и ако се виновни соодветно да се казнат, рече Игор Тот.
Во судот денеска беа испрашувани и тројца сведоци на настанот, кои пред Судечкиот Совет одговараа на прашања во врска со детали од случувањето.
Претходно, одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.
Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.