Во недела вечерта на скопската Клиника за детски болести почина седуммесечно бебе.
Како што објавивме вчера, машкото бебе било одбиено за хоспитализација и после тоа за два дена нагло му се влошува здравствената состојба.
Седуммесечно бебе синоќа починало на скопската Детска клиника
„Фокус“ успеа да стапи во контакт со таткото на седуммесечното бебе, Влатко Трпкоски, кој во детали ни ја објасни здравствената голгота што ја поминале на Детска клиника.
„Во понеделникот го однесовме на клиника, каде што му беше направена лабораторија. Тој имаше црвенило на лицето и ножињата. Од таму не препратија на Дерматологија и на Инфективна клиника, бидејќи не сме биле за кај нив.И од таму не вратија и на Детска ни рекоа да си одиме дома, дека нема потреба од никаква хоспитализација. Не ни погледнаа што е тоа црвенило“, раскажува таткото на починатото дете во изјава за „Фокус“.
Веќе за два дена, поточно во среда, здраствената состојба на бебето алармантно се влошила.
„Во многу влошена здравствена состојба се вративме на клиниката и дури тогаш не примија. Го сместија на петти спрат и таму остана четврток, петок и сабота. Тогаш крвната слика му беше катастрофа. Тоа што мене ме мачи и нема да им опростам е зошто не вратија дома во понеделникот и не одбија за хоспитализација.
Како може директорот да вика дека имало некој синдром, кога не е точно тоа, плус ние генетски немаме никакви проблеми дома.Не може моето дете до седум месеци да биде се како што треба, а за пет дена да го нема. Во средата имаше температура над 41. Не сме ние компири, луѓе сме“, додава Трпкоски.
Тој вели дека ќе почека да заврши обдукцијата и ќе одлучи што ќе прават понатаму и што ќе преземат.
„Фокус“ вчера се обрати и до директорот на скопската Детска клиника, Реџеп Мемеди кој само ни ја потврди информацијата.
„Точно е. На клиниката синоќа почпина седуммесечно бебе. Имало некој синдром и биле оштетени повеќе органи, со што состојбата дополнително се влошила“, истакна Мемеди во изјава за „Фокус“.
Сепак, тоа што претставува најголем проблем за една болница од ваков калибар е кога ќе почне да се зголемува смртноста. Факт е дека во секоја здравствена установа, без разлика дали е државна или приватна, има смртни случаи и за тоа постојат бројни причини. Лекарите не се семоќни, но, сепак, црните бројки, кога ќе пораснат, црвениот аларм мора да се вклучи.
Само во рок од месец ипол на Клиниката за детски болести починаа пет деца.
Почина бебе на Детска клиника, во тешка состојба било донесено од Струмица
Ирена МУЛАЧКА