Таткото на киднапираниот Самоил открива детали: Станува збор за цела машинерија, син ми имаше пари кога беше грабнат!

by fokus

Веќе два месеци нема трага од мојот син Самоил, кој беше грабнат и чија судбина не ја знаеме. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека имаат нови сознанија за случајот, но не ги откриваат, за да не и наштетат на истрагата, но ние, семејството веруваме дека нема ништо ново, бидејќи ако имаа нови информации, син ми ќе беше пронајден – за ,,Фокус” раскажува Љупчо Костадиновски, татко на киднапираниот скопјанец Самоил.

Случајот силно одекна во јавноста, кога на 4-ти март семејството на Самоил, кој е внук на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, откри дека е киднапиран. За случајот Обвинителството води постапка против две лица на возраст од 25 и 29 години, и тие се во притвор во затворот ,,Скопје” во Шутка.

Љупчо Костадиновски тврди дека освен овие две лица, кои се уапсени за исчезнувањето на неговиот син, вмешана била поголема криминална група. Како што раскажува, според негови сознанија, станувало збор за голема машинерија, за организирана група од околу 50 лица, кои продавале разна дрога по дискотеки во земјава.

-Ние самите, семејството, постојано истражуваме и трагаме. Од она до кое досега дојдовме, се работи за голема група, за тргување со наркотици. И токму поради тоа што веќе два месеци нема ништо ново, мојот син не е пронајден, се сомневаме дека оваа група има свои луѓе вработени во МВР, кои ја штитат. Своите сомнежи и сознанија ги споделив и со надлежните во истрагата, значи не тврдиме дека сите вработени во МВР се вмешани и работат нечесно, но дефинитивно има такви кои штитат криминал.

Според нашите претпоставки, Самоил можеби имал некаква соработка со тие лица, од групата која го киднапираше, но тоа не можеме да го тврдиме со сигурност. Сепак, тој е мое дете, семеен човек, има сопруга и дете, второто дете е на пат, треба да се роди за помалку од два месеци. Син ми се занимаваше со купување и продажба на стари возила. Ги купуваше, ги средуваше, па ги препродаваше. Снаа ми оди на работа, во тек на ден тој го чуваше детето, беше посветен на фамилијата.
Пред да се случи киднапирањето, тој продаде џип во Бугарија за 76.000 евра. Знам дека од продажбата првин зеде 36.000 евра, а останатите 40.000 ги зеде една недела пред да биде киднапиран. Според моите претпоставки, киднаперите знаеле дека тој има пари во тој период, затоа и бил намамен да дојде на средба со нив-тврди таткото.

Вели дека возилото со кое бил киднапиран син му, а потоа истото било пронајдено запалено, ја крие тајната на она кое се случило. Открива дека според она кое го знае, уапсените кажале дека го оставиле Самоил да си оди, но тој не верува дека тоа е точно.
Сите сознанија до кои дошол, им ги кажал и на надлежните служби, со цел да помогне во истрагата.

-Размислувам дека можеби киднаперите некаде го кријат син ми. Но, исто така, размислувам дека можеби и му направиле нешто, дека му задале фатален удар, значи да се живее со ова е навистина претешко, ја бараме вистината. Сите дома останавме без здравје, апелираме надлежните служби сериозно да се посветат на решавање на случајот во најкраток рок!
Ние самите трагаме, разговаравме со повеќе луѓе, разговаравме и со еден сведок, значи сите се плашат да зборуваат, овде се работи за голема група која очигледно е моќна. Ја бараме вистината за Самоил, да излезат сите надлежни служби на прес конференција и отворено да кажат кои се тие нови сознанија кои ги имаат. Ако навистина имаат нови информации, зошто уште не можат да го најдат син ми, не се два дена, два месеци се веќе изминати!- истакнува таткото.

За можноста дека можеби син му самиот заминал некаде и се крие, вели дека целосно ја отфрла. Додава дека Самоил имал среден семеен живот, бил посветен на детето и сопругата, се радувал на раѓањето на второто дете и никогаш не би го оставил семејството да живее во неизвесност и агонија.

-Самоил никогаш самиот не би заминал! Таа можност сосема е отфрлена, и единствена надеж ни е дека можеби некаде го кријат. Сите останавме веќе без солзи, ни пресушија, ова е голем случај и е смее да падне во заборав од институциите и од јавноста. Уште еднаш апелирам до надлежните, да излезат пред медиумите и да кажат до каде е истрагата – изјави Костадиновски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости