Семејството на Фросина Кулакова се заблагодари на раководството на затворот во Шутка и на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, за брзата реакција откако на социјалните мрежи се појавија фотографии како 20-годишниот возач Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина во притвор има мобилен телефон.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков во име на семејството, преку својот ФБ профил му се заблагодари на Пандов.
„Како семејство се чувствуваме должни да изразиме јавно благодарност што ни ја враќаш вербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека веќе функционира. Дека злосторниците, убијците ќе го добијат третманот кој им следи, со што ни дава верба дека и судскиот епилог и казните кои ќе ги добијат, ќе бидат адекватни. Уште еднаш огромна благодарност до тебе, до директорот на Шутка и до целиот твој тим – од цело семејство, пријатели и колеги на Фросинче“, напиша нејзиниот татко.
Претходно, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, објави дека „започнува војна против корумпираните службеници во затворите, ќе има најстроги казни и бркање од работа за виновниците“.
Денеска ќе се одржат два протеста за смртта на младата Фросина.
Првиот протест ќе се организира на плоштадот во Кавадарци, во 12 часот.
Вториот собир ќе се одржи во 17 часот, пред Универзалната сала во Скопје.