Таткото на Филип Филиповски за „Фокус”: Ова е моето, но утре може да биде било чие дете, правда мора да има!

by fokus
-Ова е мојот син Филип Филиповски. Опериран е, остана без левиот бубрег, извадена му е и слезината. Целиот живот ќе ги сноси последиците од повредите и сето тоа секако ќе се одрази и врз квалитетот на неговиот живот. Ако некој кој го познава, го прашате какво момче е тој, без многу размислување ќе ви каже дека Филип е голем хуманист, сочувствителен, едноставен, искрен… немаше апел за помош на социјалните мрежи каде тој не се вклучи, каде не беше трогнат од нечија лоша судбина… Еве го сега, на клиника, со тешки повреди. Дефинитивно, не го заслужи тоа. Ниту тој, ниту било чие дете, никогаш. Претешко ни е да го гледаме во ваква состојба, но среќни сме што детето ни остана живо, и бараме правда – за „Фокус” раскажува Гоце Филиповски, татко на 27-годишниот Филип, кој беше избоден во дискотека во село Мралино.
За нападот врз Филип се осомничени браќата Александар и Јордан Цветковски, синови на поранешниот градоначалник на Петровец, Звонко Цветковски, кој истовремено е и советник во МВР. По инцидентот во дискотеката, каде беше избоден Филиповски, неговите напаѓачи доживеале сообраќајна несреќа, потврдија вчера од МВР за „Фокус“.
Од таму додаваат дека сообраќајката поминала без потешки повреди и само е причинета материјална штета. Сепак, таткото јавно прашува дали возилото е однесено на вештачење, бидејќи верува дека во него има траги од крв, а не бил пронајден и ножот со кој е извршен нападот. Вели дека сака јавноста будно да го следи случајот, и да не се дозволи да падне во заборав настанот кој го променил животот на неговото дете и на неговото семејство од корен. Од надлежните служби бара темелна истрага и решавање на случајот.
-Филип неколку години работи во МВР, на шалтер каде се издаваат возачки дозволи. Никогаш не бил конфликтна личност. Едноставно, тоа не е својствено за него. Не се случило да се степа, насилието не е негов стил. Тој секогаш имал смирен пристап кон нештата во животот, со разговор, цивилизирано. До крајот на животот ќе ги носи последиците од овој крвав настан, ќе биде подложен на инфекции, комплетно ќе му се промени секојдневното функционирање. Излишно е да се зборува за преживеаната траума. Ова е моето дете, беспомошно во болнички кревет, но утре може да биде сечие дете. Правдата мора да излезе на виделина, без оглед за чии деца станува збор. Апелирам до медиумите и до јавноста, да не се заборави овој настан, овие слики. За да не се повторат никогаш, никому! И најважно, да се разјасни до крај, сторителите да одговараат пред законот – тврди Гоце, кој се сомнева дека власта се обидува да ги заштити осомничените, чиј татко е вработен како советник во МВР.
Тој достави до „Фокус” фотографија од Филип, и како што вели, целта на објавата на фотографијата е да не се заборави настанот, но и никогаш да не се повтори ништо слично. Надлежните да го расчистат целиот случај, до најситниот детал, и да ја испратат пораката дека сите се исти пред законот. Настанот предизвика голем интерес кај јавноста. Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека осудува било какво насилство и секој мора да одговара за она што го сторил.
-Лицата за тој настан се приведени. По насока на јавниот обвинител се пуштени, меѓутоа не се пуштени заради никаква друга причина, туку за утврдување на одредени факти што ќе треба да ги утврди обвинителот и до крај да се заврши со поднесување на кривична пријава. Нема кој да влијае на истрагата. Значи може да биде вработен во МВР, може да биде вработен во било која друга институција, меѓутоа тоа не го ослободува за злоделата што ги имаат направено. Секој ќе одговара за она што го има направено и секој ќе одговара заради тоа што правдата е најважна за сите – порача вчера Спасовски, во врска со настанот кој се случи во саботата навечер.
Вики Клинчарова

Поврзани новости