Штипјанецот Зоран Мијалков, татко на две деца со аутизам, случајот со говорот на омраза и насилство на социјалните мрежи, кои деновиве ги трпи од вевчанецот Ранко Србакоски го пријави во Полициската станица во Штип.
Мијалков на „Фејсбук“ во видеопорака вели дека се има доживеано во неговиот живот, а единствена цел му е борбата за неговите два сина, но и за сите деца со посебни потреби.
„Жално што е и вчера сакав да му дадам шанса, да се покае, да се извини и го поканив на гости да се запознае со мене и децата, за да виде колку греши со тоа што го напишал. Но, за жал не се кае. Затоа што, не само моите деца, туку сите деца се навредени. Денеска одам повторно во полиција и се надевам дека инспекторот ќе биде таму, за да го пријавам“, изјави Мијалков.
Од Првата детска амбасада „Меѓаши“вчера соопштија дека до МВР и Одделот за компјутерски криминал е поднесена кривична пријава против Ранко Србакоски. по основ ширење на говор на омраза и насилство преку социјалните медиуми, согласно Член 394 од Кривичниот законик.
МВР вчера информираа дека пријавата е пристигната од страна на „Меѓаши“ и веќе се постапува по овој случај.
„На 20.08.2023 година до Секторот за компјутерски криминал е пристигната пријава за лицето Р. С. од страна на Детска амбасада Меѓаши, а денеска случајот е пријавен и од страна на оштетениот“, соопшти МВР.