За инсинуациите за семејни вработувања и непотизам во М-НАВ, стои на располагања на сите институции и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство и кај нас, напиша на својот Фејсбук профил, претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски.
Тасевски истакнува дека претседател на ССКЛ, но исто и како вработен во М-НАВ како високо професионална институција, ги поздравува потезите на Владата, како што пишува, да се „чешлаат” вработувања и со самото тоа и досегашното работење на М-НАВ, укажувајќи дека тоа всушност и биле нивните синдикални барања досега.
Му се заблагодарува на премиерот Ковачевски што, наведува во објавата, некој најпосле ги послуша нашите барања со сериозност, а не како во минатото, сето тоа да остане на празни ветувања.
-Што се однесува до инсинуациите за семејни вработувања и непотизам, во конкретниов случај посочен јас и моето семејство, стојам на располагање, на сите институции, и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство, и кај нас. Како дел од нив, би напоменал многу-бројни обуки во ЕУРОКОНТРОЛ, центри за обука за контролори на летање во Америка, почетното школо за контрола на летање во Белград, постојани проверки на теоретско и практично знаење и способност, лиценци за инструктор и за испитувач… Набројувам само мал дел од образовните институции низ кои сум поминал, со цел да се објасни во јавност, дека моето школување за контролор на летање, започнало многу пред М-НАВ дури и да постои како компанија, во далечната 1993-та година, пишува Тасевски.
Како дел од фелата на контролори на летање, дополнува тој во објавата, успеав, и се уште настојувам да помогнам со моето стекнато знаење, да ја усовршам професијата, себеси па и компанијата, давајќи удел од самите почетоци кога М-НАВ како компанија прооде првпат.
-Фактот што татко ми, посочен исто во изјавата, бил претходно вработен во полето на авијацијата, од времето на бивша Југославија, па после и во М-НАВ, но јас сепак бев „принуден” да ги поминам сите тие обуки, курсеви, испити и препреки, укажува на професионалноста од негова страна, доблеста и дисциплината што ни ја втемели во нашиот карактер. Од таму и потекнува борбеноста, љубовта и желбата за максимална професионалност во контролата на летање, за која што продолжувам и понатаму да се залагам да се применува за секој еден кој што сака да биде дел од нашето воздухопловно семејство, без разлика дали е „нечив“ или „ничив“. Овој факт, би требал да биде пример за пофалба, а не за критика и дефокусирање од вистинските проблеми во М-НАВ, стои во објавата од Тасевски.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно во одговор на новинарско прашање рече дека со М-НАВ треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол бидејќи тие се во системот на Еуроконтрол и нивното финансирање е оттаму и кажа дека М-НАВ станала семејна фирма, со оглед деа таткото и братот на Тасевски работеле таму.
По инцидентот од 4 јануари со упадот во објектот на Контролата на летање и напад на вработените, што се случија по реакците и оспорувањата од Синдикатот за спроведувањето на последниот оглас за вработување и работата на раководството на М-НАВ, Владата вчера даде насоки надзорниот одбор на М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски, а на нивните места да ги именува Хекуран Асани, односно Милан Кораќ.