Бизарна приказна доаѓа од Германија, поточно во градот Карлсруе, каде очаен татко контактирал со локалната полиција.
Триесет и седумгодишен маж се појавил во централната станица и рекол дека изгубил дете што го возел во приколка закачена на велосипед. Тој им објаснил на обезбедувањето дека „не се сеќава што правел претходните часови“, пренесува „Тагесшау“.
Инцидентот се случил кон крајот на минатата недела, а полицијата веднаш организирала претрес.
Бидејќи таткото не можел да се сети што правел, биле прегледани надзорните камери.
Утврдено е дека во 5.30 часот излегол од главната железничка станица и се упатил кон центарот.
На местото на настанот биле испратени патроли при што било пронајдено едногодишно бебе како цврсто спие во приколка за велосипед. Тоа носело маица и имало ќебе над нозете.
Полицијата не соопшти што го предизвикало губењето на меморијата на таткото и каде одел пред да пристигне во станицата.
Детето е предадено на роднини по пријавување во социјалната служба. Понатамошната истрага е во тек.