По фолк музичарите Јордан Митев и Адријана Кеш, утрешниот настап организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода по повод Денот на независноста на Македонија, го откажаа и Татјана Лазаревска и нејзиниот сопруг Новица Василевски.
Парот кој подолг период живее во Австралија деновиве е во родниот крај, како што појаснува Татјана, за да се видат со најблиските и да снимат нови песни, и не сакале да бидат поврзани со политички партии.
Во своето јавно обраќање, таа вели дека колега ги поканил да настапат на концертот, и мислеле дека се работи за настан кој го третира македонскиот фолк.
-Во врска со настапот на Осми Септември сакаме да информираме дека ние нема да настапиме, а воедно и да дадеме појаснување, што навистина се случи.
Наш колега музичар не покани да настапиме, но ни кажа дека тоа е концерт на „Мерак меана“, телевизиска емисија, која го третира македонскиот фолк. Секако прифативме, бидејќи фолк музиката е нашиот живот.
Но, од Фејсбук дознавме за што всушност станува збор и затоа го откажавме нашиот настап. Нас, како професионални музичари, не не интересира политика, не сакаме да бидеме поврзувани со ниедна партија и ќе останеме доследни на нашата љубов кон музиката и за музиката.
Во име на музиката се оградуваме од сите политики. Нашиот престој во татковината, освен да си дојдеме дома, да се видиме со најблиските, пријателите, роднините и публиката е и да создадеме нови македонски фолк песни. Тоа и го направивме, а ќе имате прилика деновиве да ги слушнете нашите две нови песни и видео записи.
Нека е за многу години Денот на независноста на Македонија! –порача пејачката.
На настанот во Пеленица ќе гостуваат Сузана Гавазова, Сања Барби, Благоја Грујовски и други музичари.
Вики Клинчарова