Фолк пејачката Татијана Стефановска ја покажа ќеркичката Ана, која ја добија со сопругот Митко во јуни годинава. Таа објави семејна фотографија по повод именденот на нејзиниот сопруг, на која позираат држејќи ја Ана во прегратка.
Сепак, се уште не открива детали околу новата улога, мајчинството, и не споделува со јавноста како го минува времето откако се оствари како мајка.
За ,,Фокус” минатиот месец кратко порача дека е свесна за јавниот интерес, но по се низ што поминале, се уште не е подготвена да дава изјави на темата и замоли за разбирање.
Инаку, Татијана и нејзиниот сопруг Митко Бежановски, кој е саксофонист, се заедно околу една деценија. Нејзината битка за потомство траеше долг период и беше тешка тема за која избегнуваше да зборува.
Кога во јуни годинава на својот профил објави дека ја добиле ќерката Ана, веста дојде како изненадување за многумина, бидејќи малкумина знаеле дека парот очекува принова.
-Голем си Господе! Благодарни и должни сме ти до века! Ана! Господ секаде да дава ваква радост! –напиша тогаш Стефановска, а за ,,Фокус” откри дека породувањето поминало во најдобар ред со царски рез во приватна болница во Битола, и дека со Ана се чувствуваат добро.
Татијана, која е актуелна на фолк сцената околу 13 години, по потекло е од Битола. Зад себе има голем број на авторски песни, а важи за една од најубавите пејачки на нашата естрада.
Вики Клинчарова