Тате на мама, мама на тате

by Фокус

Бегањето од одговорност е модус вивенди на битот и душевноста македонска. Отсекогаш било така. Поради вековната потчинетост под туѓ јарем, менталитетот и карактерот бавно се менувале. Чемерот и јадовите се таложеле во колективното паметење, па современите Македонци никогаш не научија да ја преземат одговорноста за себе и секогаш некој друг им е виновен.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Грижо моја прејди на друг! Најзалудна македонска мантра, која секојдневно ја повторуваат барем една третина од загрижениот народ во државата на апсурди, која чмае на дното од талогот каде што господарат корупцијата, непотизмот и неодговорноста.

Жртвите на изопачениот, опскурен и траурен систем имаат два избора: да молчат, чекајќи кога системот ќе чукне и на вратите од нивните наследници, или, пак, да фатат уџум во јабана. За евентуална трета можност, која би донела промени, три децении се немаше храброст, ниту политичка волја.

Кратко и јасно: да не се чувствува одговорност, дури ниту да се меша во сопствените надлежности, а таа да се префрла според старата македонска изрека:

„Тате на мама, мама на тате – детето без капа“. Автохтон феномен, кој ја отсликува бедата на непочитување и нефункционирање на системот. Третирање на државата како разграден двор, низ кој може да помине секој кога ќе му текне, без да ги ферма елементарните права на комшијата.

СЛЕПЕЦ НЕ МОЖЕ ДА ВОДИ СЛЕП

Бегањето од одговорност е модус вивенди на битот и душевноста македонска. Отсекогаш било така. Поради вековната потчинетост под туѓ јарем, менталитетот и карактерот бавно се менувале. Чемерот и јадовите се таложеле во колективното паметење, па современите Македонци никогаш не научија да ја преземат одговорноста за себе и секогаш некој друг им е виновен.

Неодговорноста продолжи да функционира и по осамостојувањето на државата. Системот ги мами и ги краде поданиците. Недовршените институции и неодговорни политичари генерираат системска корупција, а сеирџиите си прават себап на душата.

За разлика од нив, во уредените системи, одговорноста е мошне важна карика. Просветлениот хомо сапиенс не се обвинува ниту себеси, ниту други, туку ги гледа работите такви како што се. Дури потоа проценува дали првин треба да го среди сопствениот дом, да го доведе својот живот во ред и да престане да прекорува други за својата неодговорност.

Со други зборови, сѐ додека има ,,дежурен виновник“ се останува дунстер, без оглед на дипломата, титулата и знаењето. Невозможно е некој неодговорен да уредува институција и да управува со држава. Слепец не може да води слеп. Поточно, може, но само во провалија!

Затоа никој не смета и не се чувствува надлежен за санација на sидот над Клиничкиот центар во главниот град. Министерството за здравство, Општина Центар и Градот меѓусебно си ја префрлаа одговорноста со убедувања дека не се надлежни. Така кругот на неодговорноста се затвори.

ОДГОВОРНОСТ

Поради неажурно и незаконско безаберие, во пожарот, во модуларната болница во Тетово изгореа 14 пациенти, се случи трагедијата со 45-те жртви во изгорениот технички неисправен автобус на „Беса транс“, профитерство за време на пандемијата со ковид-19, недостиг од лекови и апашлук во јавните набавки.

Нема одговорност ниту за монструозниот криминал со лекови за карцином во Клиниката за онкологија, со криминална бизнис-мрежа за препродавање на црниот пазар на скапа биолошка терапија и давање половична терапија на дел од пациентите без нивно знаење. Веќе втор месец се затворени хируршките сали на Клиничкиот центар поради миризба од непознато потекло од системите за компримиран воздух и кислород.

На власта и одговорните воопшто не им беше грижа ниту за 215-те издадени пасоши на белосветски мафијаши, за немањето учебници, за некосењето и несобирањето на тревата во кругот на Владата итн.

Ама, што да се прави, што да се чини со ваквиот социо-психолошки феномен!? Особено ако се знае дека преземање одговорност со конкретна акција тешко се случува. Колку повеќе сеирџии има во одредена стани-падни ситуација, поголема е веројатноста да се одбегне одговорноста. Разгледувајќи го обликот на дифузија на одговорноста, надлежните секогаш ја префрлаат на други.

Тридеценискиот континуитет на системска неодговорност во провизориумот наречен држава „РСМ“  функционира според националната изрека „Тате на мама, мама на тате – детето без капа“!

Дали новата власт ќе ги демотивира и санкционира безаберните „шестоколонаши“ и нивните предавства, уривање на достоинство и шиткање на националните интереси? Конечно, дали ќе стави крај на националната аберација со плејбек функционирање на одговорноста?

Поврзани новости