Тасиос: Хотелите во Грција веројатно ќе се отворат во јуни

by Fokus

Никој не знае кога оваа година ќе заминеме на одмор, таква е реалноста, пред сѐ потребни се здравствени критериуми и протоколи за работа, вели претседателот на Грчката федерација на хотелиери Григорис Тасиос во разговор со дописничката на МИА од Атина. Тој објаснува дека сѐ уште е рано да се каже кога конкретно и официјално ќе започне туристичката сезона во Грција.

-Никој не знае точно, бидејќи во овој момент не постојат здравствени критериуми за работа, за кои до 15 мај, преку дијалог со државата ќе се обидеме да ги направиме колку и да е тоа тешко, поради карактеристиките, бидејќи, да не се лажеме, треба (хотелите) да функционираат како да се клиники, објаснува Тасиос.

Потенцира дека е важно и тоа како ќе се регулира пристигнувањето на туристите, вели дека е рано да се каже што точно ќе се бара од посетителите од странство, дали тоа ќе биде некаков вид здравствена потврда, но објаснува дека одговорноста и гаранциите за здравствената состојба на туристот, ќе треба да ја има неговата матична земја, а не Грција.

-Очигледно дека постои расположение од сите за работа, без разлика дали се туристички агенции, транспорт, хотелите, но, без здравствени критериуми и протоколи не може да се случи тоа. Истото важи и за балканските земји кон Грција. Ние, како туристичка структура, одиме еден чекор понапред. Ако во следните денови не постои заедничка европска активност околу протоколите, како земја, да предложиме да се направат меѓудржавни договори, вели Тасиос за МИА и објаснува дека важен детаљ е одговорноста да ја има другата држава и туристот.

Според планот на грчката Влада за постепено олабавување на мерките и постепено префрлање во новото секојдневие, отворањето на хотелите и туристичките објекти е планирано за месец јуни. Хотелите што работат во текот на целата година, предвидено е да се отворат во јуни, додека пак сезонските туристички објекти се во последната, седма фаза од планот, без засега да биде одреден конкретен датум.

-Сезоната, веројатно се чини дека ќе почне од јули и повеќе не постои прашањето за сезонско работење на туристичките објекти и хотели или во текот на целата година, веќе сѐ е исто, вели претседателот на Грчката федерација на хотелиери и додава дека е премногу рано, за да се каже колку од хотелите ќе работат, а „можеби до крајот на мај би можеле да кажеме“.

Тасиос вели дека ситуацијата е многу тешка, бидејќи сезоната теоретски и загубена и станува збор за само два месеци , кои не се доволни.

Претседателот на Грчката федерација на хотелиери за МИА додава дека постепеното олабавување на мерките ќе биде и голем тест за начинот на функционирање на сите области во земјата, вклучително и туризмот, бидејќи како што објаснува, „кога земјата ќе се соочи со големо број луѓе, тогаш ќе видиме дали ќе и имаме позната можност да примиме и други“.

За внатрешниот туризам, односно за домашните туристи, Тасиос коментира дека станува збор за многу мал дел што би можел да помогне, а како пример го спомена истражувањето спроведено од солунскиот Универзитет „Македониа“, според кое 46 отсто ќе одат на одмор, но 40 проценти нема да престојуваат во хотел, туку кај пријатели, во викендички и сл.

До 15 мај 2020 година, во прекин е поврзувањето на Грција со Северна Македонија, Албанија, Турција, Италија, Шпанија, Велика Британија, Холандија и постои привремена забрана за влез во земјата на граѓани од трети земји.

Претседателот на Грчката федерација на хотелиери Григорис Тасиос, во разговорот со дописничката на МИА од Атина, коментира дека како и за авионскиот сообраќај, така и за копнените граници, веројатно мерката ќе се продолжи мерката и по 15 мај.

Грција бара заедничка европска стратегија за туризмот

Ставот на официјална Атина во однос на туризмот е дека во Европската унија потребна е заедничка и координирана стратегија, односно заеднички правила и протоколи за транспортот и слободното движење на луѓето, особено за авионскиот превоз.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за време на расправата во Парламентот во четвртокот рече дека по интензивни притисоци од Грција, „Европската комисија, од Европскиот совет доби јасна насока“ и оцени дека „набргу ќе постојат јасни соопштенија за тоа како да се поддржи туризмот“, но и за тоа кои ќе бидат протоколите што ќе дозволат безбедно патување.

-Ние, над сè, ја ставаме безбедноста на посетителите и безбедноста на Грците, рече Мицотакис.

Поврзани новости