Во последните неколку години економските и интеграциските политики на СДСМ донесоа поголеми плати и пензии и економската стабилност во услови на повеќе кризи, рече денеска на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска. Потенцираше дека податоците се особено јасни ако се спореди со времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Стапката на невработеност во 2016 година беше речиси 24%, СДСМ успеа да ја намали драстично и денес е околу 14%. Само за една година имаме зголемена вработеноста од 9,5%. Минималната плата на работниците во државата во 2016 година со ДПМНЕ изнесуваше 10 000 денари, а во некои сектори и 8 000 денари. СДСМ неколкупати ја зголеми минималната плата и од оваа година изнесува 21 000 денари. Двојно повеќе во однос на ДПМНЕ“ – рече Тасевска.
Посочи дека просечната нето плата во 2016 година изнесувала околу 22000 денари, а сега просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37000 денари.
„Со политиките на СДСМ 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата. Просечната пензија СДСМ ја зголеми за 40%, во однос на времето на ДПМНЕ во 2016 година. Успешните економски политики заедно со интеграциските политики даваат резултат“ – рече Тасевска.
Додаде дека со членството во Европската Унија овие економски резултати ќе бидат значително поголеми.