Тасева: Работниците во „Фени“ биле ставени под закуп како да се предмети

by fokus

Отфрлање на планот за реорганизација на АД „Фени Индустри“ бара невладината Транспаренси Интернешнел Македонија. Според претседателката, Слаѓана Тасева, мониторингот утврдил дека во планот има суштествени повреди и незаконитсти.

Од невладините ги повикуваат сите институции во државата вклучително Судскиот совет, Финансиската полиција, Јавното обвинителство да преземат мерки во рамки на своите надлежности за да ги испитаат сите незаконитости во постапката.

-На 31-ви јануари GSOL и стечајниот управник склучиле договор за преработка на никелова руда. Од договорот произлегува дека предмет на закуп не се само технолошки капацитети, туку и работници. Ова е неверојатно што тие се третираат како предмети што можат да бидат дадени под залог врз кој закупецот има право на целосна контрола, надзор и управување. Сето тоа на основ на договор за закуп, што е апсолутно незаконски и за што до сега никој не реагирал – изјави Тасева.

На 10 мај „Глобал Спешал Опортјунитис ЛТД“, која ги презела побарувањата од довер, до Основниот суд Велес, го поднела планот за реорганизација, односно 72 дена по одржувањето на извештајното собрание, или 12 дена по истекување на рокот. Со тоа, вели Тасева, е сторена  формална повреда на закон за стечај.

Како силен аргумент дека треба да се отфрли планот, Тасева наведе дека на одборот на доверители директорката на УЈП, како доверител, гласала против. Според невладината тоа укажува дека во планот има причини за да се гласа против, бидејќи во случајот со УЈП станува збор за намир на побарувањата од државата

-Во овој случај постои привилегиран суксесор, доверител. GSOL го има фени под рента. Со планот се предвидува цела група на доверители да не биде надоместена. Ќе останат без ништо. Иако таа група е со најниско ниво на побарувања сепак треба да имаат правна заштита која ја гарантира законот за стечај – рече Тасева.

На новинарско прашање зошто застапува интереси на компанија која претходно е прогласена за коруптивна, Тасева одговори дека тие само постапуваат по претставка и тоа не значи дека застапуваат било чии интереси.

– Ние работиме само објективно и врз основа на факти и дали таа претставка ќе покаже едно или друго се уште не знаеме, затоа што во тек е проверката – рече Тасева.

Посочи дека Транспаренси Интернешнел Македонија го гледа интересот на Република Македонија и тоа е дека некој денеска прави криминал со оваа стечајна постапка.

– Очекувам, ако вака остане состојбата, дека Фени нема да трае подолго од септември или декември оваа година. Тие вработени ќе останат на улица. Овој гигант ќе биде прогласен за нерентабилен и Република Македонија ќе го изгуби Фен – рече Тасева.

Прашана за посочувањата од вицепремиерот Кочо Анѓушев повеќе да работат на тоа како дошло до оваа стечајна постапка, Тасева рече дека постапувањето на тоа што било претходно е работа на институциите што ги контролираат оние кои денеска се на власт.

– Нека работат институциите да видат што било вчера. Нашата работа е да ја следиме работата на оваа влада. Тоа никогаш не и се допаѓало на ниту една влада, ама тоа е нашата работа и ќе продолжиме да го правиме. Наше е и денеска да не се краде, рече Тасева.

Посочи дека сите овие документи ќе ги достават до институциите.

 

Поврзани новости