Ја добивте довербата во една транспарентна и отворена постапка, во која беше спроведен и делумен ветинг за проверка на вашиот интегритет. Сега ја имате нашата поддршка вашето знаење, искуство и интегритет да ги ставите во функција на справување со големиот проблем на корупцијата. Нашата поддршка и соработка секогаш ќе ја имате на располагање, им порача претседателката на Транспаренси Интернешнел и прв претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, Слаѓана Тасева.
Транспаренси Интернешнл Македонија му честита на Собранието на Република Македонија за ефикасното спроведување на постапката за избор, која, како што се посочува во соопштението, е транспарентна и обезбедува да се натпреваруваат личности кои навистина ги исполнуваат формалните услови, кои имаат компетенција и кои манифестирале личен интегритет, а за првпат е утврдена со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвоен во јануари оваа година.
-Собранието на Република Македонија покажа подготвеност да го прифати предизвикот и да овозможи постапка за избор во која ќе учествуваат и претставници на институции и невладини организации, а во интервјуто да учествуваат и претставници од невладините организации и медиумите, велат од Транспаренси Интернешнл Македонија.
Ова е првпат ваков модел на избор да се применува било каде во светот и затоа, посочуваат од оваа организација, очекуваме истиот да биде прифатен како позитивен пример и добра практика.