Претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, изјави дека партијата се уште нема одлука како ќе оди на избори и оти сите опции се можни. Изборите, според него, би требало да се одржат на крај на март, почеток на април следната година заедно со претседателските избори.
-Низ партиските тела ќе ги анализираме сите околности како е најдобро за нашата партија – рече Таравари на Сител.
На прашањето дали е во игра заеднички настап со актуелната владина коалиција, рече дека не исклучува ништо. Меѓутоа, смета дека АА би било најдобро да излезе сама на избори.
-Ние секој месец правиме анкети и ги земаме оние што ги прават СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И релативно добро стоиме. Мислам дека првата опција, според мене, меѓутоа одлуката не зависи само од мене, најдобро би било сами да одиме, но не исклучувам сите можни опшции за комбинации – рече Таравари.
Алијанса за Албанците, како што вели, со сите политички партии има коректни односи.
-Јас не исклучувам соработка со ниту една политичка партија особено во македонскиот блок. Имаме коректни односи и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ – рече Таравари.
За функционирањето со ДУИ во владината коалиција, тој вели дека е „нужно зло“.
-И да било перфектно многу е 20 години. Албанскиот политички блок има потреба за промени. Да и дадеме шанса на една друга партија барем еден мандат, а здраво е и за ДУИ да излезе во опозиција – рече тој.
Таравари истакна дека е задоволен од работата на министрите на Алијансата на Албанците.