Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за последниот број на неделникот „Фокус“ говори и за куќата во Тафталиџе, која, според ВМРО-ДПМНЕ, му е награда за тоа што ја засилил владата на СДСМ и ДУИ. Таравари тврди не го познавал претходниот косопственик Исмаил Јахоски, кој инаку е пратеник на ДУИ. Воедно, посочува дека токму во оваа куќа била договорена соработка со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали преминавте во власта, меѓу другото, и за да се дистанцирате од ВМРО-ДПМНЕ, која се постави против францускиот предлог?
ТАРАВАРИ: Првиот состанок со ВМРО е декември 2019 година, со иницијатива на „Конрад Аденаер“ се сретнавме во Скопје. Дотогаш беше табу за ВМРО да седнат, а не да соработуваат со албанските партии. Успеавме да побараме одредени работи во нивниот вокабулар за евентуално и да соработуваме на локалните избори во 2021 година.
И се сеќавате на едно интервју на Христијан Мицкоски за „Коха“, каде што вели дека не му пречи да се тргнат 20 отсто за албанскиот јазик, дека фундаментот на оваа држава е соживот, дека сме мултиетничка државата каде што треба да се почитуваме итн. И тоа беше прифатливо, но кај Албанците во потсвеста сѐ уште стоеше дека ВМРО е антиалбанска, националистичка партија. Сепак, ризикувавме во 2021 година да направиме соработка со ВМРО во 6 општини и мислам дека плативме малку цена за тоа.
ФОКУС: Но, ВМРО тврди спротивно, дека сте профитирале од соработката, бидејќи со нивна помош станавте градоначалник. Се согласувате ли?
ТАРАВАРИ: Во Гостивар и во Тетово никогаш не може да биде избран градоначалник без македонски гласови. Јас победив со 6 илјади гласа разлика. Не негирам дека имавме коалиција со ВМРО и од 2017 година, имаме и сега во Гостивар, но СДСМ гласаше за ДУИ. ВМРО да гласаше за ДУИ, сигурно СДСМ ќе гласаше за другиот кандидат.
ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ до денес ви ја споменува куќата во Тафталиџе, која велат дека Ви била награда за влез во владата. Има ли епилог на постапката што ја отвори ДКСК?
ТАРАВАРИ: Мене не ме викнале. Видете, кога немаш друг скандал, имаш еден стан и една куќа, ќе се занимаваат дали станот е 92 или 88 квадрати и дали е куќата 150 или 200 илјади евра.
ФОКУС: Сепак, ќе се согласите ли дека премала е официјалната вредност на куќата, дотолку повеќе што куќата на вашиот сопартиец и сосед Меџити е проценета 4-5 пати повеќе?
ТАРАВАРИ: Куќата нема врска со коалиција, купена е во 2021, кога бевме заедно со ВМРО и во таа куќа е направена стратегијата за локалните избори. И сега да ме обвинуваат дека сум зел поткуп од ДУИ… Мицкоски бил во куќата и знае дека е 260 квадрати.
Куќата е вреднувана од 2 куќи. Една од Град Скопје, каде што сум платил данок и вреднувана е 190 илјади евра. И вреднувана е од Стопанска банка, каде што сум зел 100 илјади евра кредит. Таму ја вреднуваат 200 илјади евра. Значи, разликата меѓу тоа што сум купил и тоа што е вреднувана е една четвртина.
ФОКУС: Сепак, симптоматично е тоа што куќата сте ја купиле од пратеник на ДУИ. Се познавате ли со Исмаил Јахоски?
ТАРАВАРИ: Фатмир Меџити министерот живее таму од 2014 година. Купи барака и потоа изгради куќа во 2014. Тој ми кажа дека се продава куќа. Првиот состанок и купопродажниот договор бил со жена. Јас никогаш не сум седнал со Исмаил Јахоски да потпишам. Тој отишол на нотар, јас сум отишол. Куќата е на име на 2 лица, на него и на неговата сопруга. Не се знам со него, сум се видел откако живеам во куќата 3-4 пати.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.