Таравари за „Фокус“: Комисијата за заразни болести покажа дека нема стратегија за справување со пандемијата!

by Fokus

Северна Македонија влезе во својот четврт месец од борбата со опасниот корона вирус. Ситуацијата во нашата земја е загрижувачка, со оглед на тоа дека бројот на заразени од Ковид-19 веќе неколку дена е над 100 заболени.

Некогашниот министер за здравство и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во разговор за „Фокус“, даде свое гледиште за корона-кризата во нашата држава.

Многу е загрижувачка состојбата. Во моментов доживуваме тежок и динамичен период и соочени сме со сериозни предизвици, можеби најголеми во неколку децении досега. Сложената состојба го става под енормен притисок севкупниот здравствен систем, а неговите ограничувања веќе се забележуваат во голема мера. Ако состојбата продолжи да се влошува, се плашам дека ќе се соочиме со огромни последици во секоја сфера од нашето живеење. Ова апсолутно не е време да се движиме во „лер“ и да го тргнеме стапалото од педалата“, го почна разговорот Таравари.

Бројките во последните период фрлаат сомнеж  како тоа здравствениот систем ќе се справи со новиот вирус. Причините за тоа се повеќекратни, вели градоначаникот на Гостивар.

 

Искуството и ситуацијата на терен ни потврди дека системот потфрли, а најмногу поради некоординираноста и отсуството на ефикасна стратегија и план за справување со пандемијата. Кога ситуацијата беше под контрола, мерките беа рестриктивни, сега кога контролата е само мисловна именка секој си се однесува според свое мерило. Бројките на новозаразени расте, а колку е поголем нивниот број, толку, за жал, е поголем и неуспехот на државните механизми да се изборат со ова зло“, додава тој.

Но, она што е, исто така, многу загрижувачко е што корона вирусот го погоди и медицинскиот персонал, тој што е прв на фронтот, вели екс-министерот за здравство.

Тој тука го додава и неодговорното однесување на граѓаните кои дополнително ја отежнуваат ситуацијата. Според Таравари, државните институции итно мора да преземат мерки околу ова, а голема грешка направила Комисијата за заразни болести.

Таа уште од самиот почеток не покажа дека изградила стратегија за справување со пандемијата, вклучувајќи го тука и отсуството на внимателно осмислена кампања, што ќе ги таргетира сите сегменти од населението. Последицата е голема неодговорност меѓу граѓаните, кои не беа доволно едуцирани, со јасни и доброобмислени пораки. Кога на ова ќе го надоврземе и фактот дека се дозволи девијантното однесување да помине неказнето, јасно е зошто дојде до ескалација на случувањата. Наместо оваа пандемија да нѐ обедини и да покажеме дека знаеме да функционираме како систем, таа уште повеќе нѐ подели. Како само можевме да дозволиме мерките за справување со пандемијата да бидат предмет на политички калкулации и партиско-акробатски изведби?!?“, се прашува тој.

Доколку ситуацијата не се стави под контрола, ќе имаме незамисливи здравствени и економски последици. Со маскирање на бројките што ја покажуваат опасноста зад наводната ефикасност на системот и „доброто носење“ со кризата нема да стигнеме никаде. Луѓето не треба да копаат од морето информации и да дознаваат колку е критична ситуацијата, анализира Таравари.

Полицискиот час го подели мислењето на граѓаните за тоа дали тој ќе го спречи ширењето на вирусот. Но, дали можеби повеќедневен карантин во некои општини ќе беше добар потег?

 

Искуството покажа дека карантинот, можеби, помогна до некаде во првата фаза, но во време на криза тешко е да се идентификуваат оние што се „квалификуваат“ за да бидат во карантин (на пример, луѓето што биле изложени на ризик, но сѐ уште не се болни). Карантинот, пак, на поединечни зони и области, исто така, не донесе резултат. Сите знаеме што се случи кога се изолираа одредени општини и градови и кога масовно се побегна на излет, одмор и прошетка до други! Собирањата, прославите, забавите, групните семејни, роднински, пријателски дружења, сето тоа носи и се докажа како огромен ризик. Кој го контролираше тоа на ефективен и ефикасен начин? Каков би ни бил одговорот на прашањето „што се случи со оние што не го почитуваа или побегнаа од карантинот?“. Потврдивме дека сме хазардерски народ, систем, општество и дека многу нешта зависеа и зависат од политичките играрии и пресметки“, вели Таравари.

Гостиварскиот градоначалник смета дека физичката дистанца и почитувањето на мерките за заштита е, можеби, најсоодветната мерка. Мора да се научиме да живееме со овој ризик, но сите да дејствуваме како одговорни граѓани на ова општество. Не може реки народ да се движат по улиците непочитувајќи ги овие правила, посочува тој.

Политичките партии после долги преговори, успеаја да пресечат – избори во Северна Македонија ќе има на 15 јули. Здравјето на граѓаните е пред се и тука се отвора дилемата: дали нашата земја ќе се опорави дотогаш од вирусот?

Би звучело премногу идеалистички и оптимистички да речам дека дотогаш ќе се справиме со кризата. Ако сме дозволиле да дојде до ова ниво, фикција би било да очекуваме дека нештата ќе се променат преку ноќ. Практиката од повеќе држави потврдува дека рационално решение е правењето на ПЦР тест за корона вирусот и самоизолацијата, да се надеваме дека тоа ќе фунционира како што треба“, анализира Таравари.  

И покрај тоа што ситуацијата со корона вирусот е хаотична, Таравари верува дека со почитување на препораките, ќе може да се организираат добри избори.

Со оглед на тоа што на хаосот на политичката сцена мора да му се стави крај ако сакаме да функционираме како демократско општество, мора да смогнеме сили, сите заедно и одговорно, за да се случат изборите и да поминат во најдобар ред. Ако добро се обмислат и максимално се почитуваат протоколите за гласање и сите се однесуваме кон препораките, значително би требало да се намали ризикот. Од дадениот глас на граѓаните и заокружувањето на вистинските имиња ќе зависи развојот на ова општество“, ни порача тој.

Што се однесувања до очекувањата од предвремените избори кои ќе се случат наредниот месец, Таравари вели:

Во македонскиот блок очекувам изедначени резултати, а во албанскиот, според сите последни анкети, коалицијата Алијанса и Алтернатива, после 18 години ќе ја однесат ДУИ во опозиција. Редно е да се реформираат и да бидат конструктивна опозиција“, го заврши разговорот гостиварскиот градоначалник.

Фото – Томислав Георгиев

Разговараше: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости