Таравари: За доброто на нашите деца, не би сакал да ни се повтори Букурешт

by Fokus

„Уставните измени за внесување на Бугарите се услов од ЕУ, тие ни кажаа дека не може да биде променет овој договор и затоа мора да се изгласаат“.

Ова меѓудругото вечерва на тв Телма го изјави претседателскиот кандидат Арбен Таравари.

„Не велам за една година, ние да отвориме дебата, за 2, за 3, за 4. Во меѓувреме ние ќе започнеме преговори. Јас ви гарантирам дека до Нова година се надевам дека ќе имаме стабилна влада, која што ќе биде рационална и ќе ги отвори преговорите. Мислам дека ние сме барем толку паметни, и толку ни значи земјата во која што живееме, дека мораме одредени работи да направиме, нормално барајќи одредени генерации. За доброто на нашите деца, не би сакал да ни се повтори Букурешт“ – рече Таравари.

Таравари посочи дека претендира да биде претседател на Република Макеоднија.

„Живеам во Македонија, плаќам даноци во Македонија, земам различни услуги во Македонија, и мојата држава е Македонија. Секако ме интересира и регионот, меѓутоа Македонија е пред сѐ, иако сум заинтересиран да имаме што подобри релации со државите од регионот, особено Косово и Албанија“ смета тој.

Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата ВРЕДИ не пропушти да потенцира дека Србија има преголемо влијание во Македонија.

– Мислам дека процесот на `југословенизација` на Македонија е огромен проблем на државата. Не на Албанците, генерално на сите ние што живееме овде. Огромниот импакт, влијание што го има Србија во Македонија е огромен проблем за државата. Јас мислам дека треба да имаме еквидистанца со сите околни држави, и истовремено да имаме добри односи со сите држави. Јас мислам дека тој дебаланс меѓу влијанието на Србија и другите соседни држави ѝ прави штета на Македонија, секако. И мислам дека тука треба да се балансираме и да се оневозможи тоа влијание, бидејќи се ствараат одредени фрустрации, посебно кај нашите сограѓани Македонци. Видете, нема како да се објасни зошто толкава бугарофобија има, а немаше фобија кон Грците – смета Таравари.

Тој смета дека Македонија треба да преземе посериозна улога и да помогне во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

– Мислам дека Косово е наш сосед, исто како Србија, Албанија, Грција и Бугарија, ние мораме да помогнеме во процесот на стабилизирање на цел регион и во тој правец инсистирам што побргу да се разреши тој грч меѓу Косово и Србија. Јас се надевам и сум оптимист дека ќе се најде решение – рече Таравари.

 

Поврзани новости