Верувам дека Албанците ќе имаат претседател на Собрание и значителен број министри, вели за РТК, претседателот на „Вреди“, Арбен Таравари.
-Верувам дека една од трите главни функции на државата, имено претседател на парламентот ќе продолжи да биде Албанец и значителен број министри, особено таму каде што имаме експерти, ние како партија ВЛЕН ќе ги именуваме. Верувам дека таму застапеноста ќе биде достоинствена, со стручни луѓе – рече тој.
Таравари рече дека конституирањето на Собранието ќе се случи на крајот на овој месец, додека новата Влада се очекува да биде изгласана во првиот дел на јуни.
-Конституирањето на Собранието е планирано да се случи некаде на крајот на овој месец, месец мај, а во меѓувреме кон крајот на следната недела ќе ги имаме и кадровските избори и владината програма. По конституирањето на Собранието, претседателот на државата мора да му го даде мандатот на следниот претставник. Во првата половина на јуни сигурно ќе ја имаме новата Влада – рече тој.
Коалициските партнери, според Таравари, се согласиле дека приоритет на новата Влада е патот кон Европската унија, бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата и функционирањето на правната држава.