Со мнозинство гласови членовите на Централното собрание на Алијансата за Албанците донесоа одлука за разрешување на претседаталот на партијата Арбен Таравари. По завршувањето на состанокот, претседателот на Централното собрание Зијадин Села соопшти дека имале макотрпна дебати и од 108 присутни, 106 членови гласале „за“ , еден бил против и еден воздржан. Според дневниот ред , првата точка предвидувала да се разговара за последните случувања во партијата, но откако констатирале дека претседателот на партијата Арбен Таравари не се појавил преминале на следната – иницијатива за разрешување.
„Како резултат и последица на оваа одлука, другата точка беше да се оди на конгрес кој ќе се одржи на 18 февруари и ќе се одлучува за иницијативата која ја донесе Централното собрание на Алијансата за Албанците , а тоа е разрешување на претседателот на партијата Арбен Таравари, поради грубо кршење на статутот на партијата,“ рече Села.
Арбен Таравари, пак на својот Фејсбук профил пишува дека нивната кауза е промена.
Според него, повеќе не се занимаат со тоа чија е партијата, а секој кој што има поплаки треба да се обрати во суд.
„Нашата кауза е Промена! Неуспешни се обидите на ДУИ и сценаристот Груби да не дефокусираат кој е „чија партија“. Од денес повеќе не се занимаваме со оваа работа. Секој што има поплаки нека се обрати до Судот. Нашата причина е промената што започнува! 8 мај е секој ден се поблиску!“, вели Таравари.
Оваа порака следува откако Централното Собрание на партијата го разреши од функцијата.