Арбен Таравари, генерален секретар на Алијансата за Албанците, денеска повторно излезе во јавноста со тврдење дека опозициските партии во парламентот преговараат и со пратеници на владејачките СДСМ и ДУИ за изгласување на недоверба на актуелната Влада.
-Се надевам дека оставката ќе биде процесуирана и нема да има потреба од гласање доверба на владата. Се надевам дека во новото мнозинство ќе има пратеници на СДСМ и на ДУИ. Ова ви го гарантирам, само не знам дали ќе се оди со недоверба на Влада или Заев денеска ќе даде оставка Заев. Според некои информации што ги имам, денеска Заев сам ќе даде оставка, така што ова ги олеснува процедурите за почеток на преговори за формирање нова влада – изјави Таравари.
Според него, СДСМ е целосно поделена по најавата за повлекување на Заев, а ДУИ, како што рече, за неколку недели ќе оди во опозиција.
-Вчера го слушнавме Ахмети дека е спремен да разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ да разговара. Значи нема нешто против ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи цела кампања беше против ВМРО-ДПМНЕ и ова ме радува. Јас мислам дека дефинитвно ДУИ ќе биде во опозиција за две до три недели. Мислам дека ДУИ е канцер на општеството и со нејзино заминување во опозиција се раѓа една надеж особено кај Албанците – истакна Таравари.
Од друга страна, пак, пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, денеска изјави дека, иако се залага за уривање власта, тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Левица и Беса го немаат потребното мнозинство од 61 пратеник, потребно за да изгласаат недоверба на Владата, доколку во меѓувреме не им се приклучат нови пратеници.