Таравари: Повеќето заболени во Гостиварско не добивале вода од градскиот водовод

by irena 22:22
22:22

Лидерот на Алијанса за Албанците и поранешен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, за ТВ Сител изјави дека голем дел од пациентите кои имале стомачни тегоби во Гостиварско воопшто не користеле вода од градскиот водовод.

Според него, меѓу заболените имало жители од Вруток и Дебреше, населени места кои не се снабдуваат од градскиот систем. Тој посочи дека дел од лекарите сметале дека симптомите повеќе укажувале на сезонски вирус отколку на бактериска инфекција предизвикана од водата.

Таравари рече дека анализите во најголем дел покажувале исправна вода. На 28 јуни и 13 јули, според него, примероците од сите контролирани чешми биле физички, хемиски и бактериолошки исправни, додека на 17 јули бактерија во ниска концентрација била пронајдена само на една точка.

Тој, сепак, призна дека вклучувањето на пумпите со кои дополнително се внесувала вода во главниот цевковод било пропуст на јавното претпријатие.

„Тоа е пропуст од јавното претпријатие кој не смеел да се направи ниту за експеримент од ден-два“, рече Таравари.

Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули, а по спроведеното хиперхлорирање и лабораториските испитувања, од 14 август повторно беше прогласена за безбедна за пиење.

За случајот се води истрага, а беа уапсени директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште две лица.

Слични вести