Зголемен број случаи на вирусот Западен Нил е регистриран во Грција во текот на август. До 19 август се потврдени 157 локално стекнати случаи и 13 смртни случаи, а само во последната недела биле регистрирани 47 нови инфекции и четири починати.
Според грчката Национална организација за јавно здравје (ЕОДИ), најголем број случаи има во Атика, но вирусот е присутен и во северниот дел на земјата. Случаи оваа сезона се регистрирани и во Иматија, Солун, Пела и Серес.
Од вкупно 157 заразени, кај 116 пациенти се појавиле невролошки манифестации, како енцефалитис и менингитис. Во моментов 42 лица се хоспитализирани, од кои 23 се на интензивна или засилена нега. Сите 13 починати биле постари од 65 години.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку убод од заразен комарец. Поголемиот дел од заразените немаат симптоми, додека кај останатите може да се појават температура, главоболка, замор, болки во мускулите, мачнина и осип. Потешките случаи може да го зафатат централниот нервен систем.
На граѓаните кои престојуваат или патуваат во Грција им се препорачува заштита од комарци со репеленти, соодветна облека и мрежи на прозорците и вратите. Посебна внимателност се препорачува кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет.