Таравари: Односите во Владата се коректни

by Fokus

Министерот за здравство и лидер на Алијансата на Албанците – Арбен Таравари, кој учествува на 79. Генералното собрание на ОН, изјави дека односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се ВРЕДИ и ЗНАМ, се коректни и дека оваа Влада ќе продолжи да функционира.

Владата, вели тој, има подолгорочна стратегија, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите од власта.

Таравари ова го кажа по изјавите на Халил Снопче дека ВРЕДИ ќе излезе од владината коалиција ако се изгласа законот за бранители и на премиерот Христијан Мицкоски кој му посака среќа на пратеникот доколку се случи тоа.

– Односите помеѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека се доста коректни. На ниво на претседатели на партии. Нормално ние имаме структури сите партии Влен и ВМРО-ДПМНЕ. Можеби имало некаде и некое помало недоразбирање што не можам да кажам истото и за ЗНАМ и за ВРЕДИ. Меѓутоа, повторно, ќе кажам односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се ВРЕДИ и ЗНАМ се коректни и ние се обидувавме да бидеме што посинхрони овие сто дена, меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните. Меѓутоа, генерално можам да кажам дека очекувањата на граѓаните беа огромни од ова мнозинство – рече министерот за здравство.

Не можат, посочи Таравари, да се остварат сите предизборни ветувања само за 100 дена. Има постојани дефокусирања од она што е испорачувано во овие 100 дена посебно во албанскиот блок. Според него, направени се огромни работи.

– Сепак ДУИ некако успеваше со сите ресурси што ги има и финансиски и човечки да не дефокусира комплетно од тоа што е сработено и да се занимаваме со комплетно маргинални теми, кои се толку небитни за луѓето. Ние штом направиме нешто, како Влада зборувам, утредента имаш веднаш некаков дефокус кој е се испорачува од ДУИ. Јас се надевам дека со тек на времето да инсистираме што повеќе да кажеме на јавноста и на граѓаните што сме сработеле овие први сто дена но и понатаму – рече Таравари.

Смета дека реакцијата на Снопче за законот за бранителите била како што треба, но се надева дека во владиното мнозинство ќе има координација и дека ќе се надмине „овој ситен проблем“.

– Законот за бранители веќе пет пати е изгласан од 2002 година и ова е шести пат и не верувам дека ненамерно СДСМ оваа точка за бранителите прво ја испорача во февруари 2024 година кога ги разрешуваа двајцата министри Азири и Фатмир Меџити и втор пат сега токму кога беа важни точки на дневен ред во Собранието. Како вонредна точка го поставија и законот за бранители. Генерално, мислам дека кога нешто планираме да донесеме како Влада треба да бидеме синхронизирани и известени едни од други, така што и реакцијата на господинот Снопче беше во овој правец. Значи ние не сме известени, ние начелно сме против нешто да помине без да бидеме договорени меѓу нас. Реакцијата на Снопче беше како што треба и се надевам дека ќе имаме координација меѓу нас и ќе го поминеме и овој да речам ситен проблем што ДУИ се обидува заедно со СДСМ. Мислам дека се координирани да ставаат, да подметнуваат искри во функционирањето на коалицијата во владејачкото мнозинство – рече Таравари.

Поврзани новости