Од 30 до 35 отсто од луѓето во Македонија имаат веќе проблем со обезност, додека во светот бројката изнесува една милијарда. За десет години, според проекциите ќе порасне за 50 отсто, и тоа не само во развиените држави, туку и во државите што се во развој како што сме ние. Значи не е проблем само на популацијата што има подобри услови за живеење, туку и во државите кои што се развиваат, посочи министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на обезноста.
Како што посочи Таравари, во земјава има два центри за третман на обезност, односно Клиника за ендокринологија и Градската општа болница „8 Септември“, но, како што рече, наскоро Клиниката за ендокринологија ќе се дисперзира и во Прилеп. Тој нагласи дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување веќе ја имаат набавено инсулинската терапија и сѐ што е потребно за луѓето со дијабет.
– Ние како Министерство за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, би сакале да се пофалиме дека оваа година веќе ја имаме инсулинската терапија и сето тоа што треба за луѓето со дијабет, веќе е обезбедено и сме во процедура за обезбедување околу 10-20 отсто повеќе. Исто така ќе има третман за пациенти кои што се со дијабет и со обезност, кои што се третираат со специфична терапија. Оваа година таа бројка ќе порасне за 200 пациенти повеќе, што е релативно голема бројка. Исто така, сензорите во изминатите две години беа за 650 пациенти, оваа година ќе бидат 800 пациенти, што е релативно добра бројка, иако не е сосема доволна, не е само за пациентите, односно децата веќе со дијабет, туку и други пациенти кои што се во ризични групи, рече Таравари.
Додаде дека првпат во државата Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство ќе го покриваат 25 пациенти, кои ќе можат да се оперираат.
– Исто така да најавам што е новост, за првпат во државата, 25 пациенти преку Фондот и Министерството ќе можат да се оперираат, ако се обезни и постојат индикации за операција, тоа што комплетно ќе го покрива и ќе биде најдобриот систем, да речам, што е прв пат, новина се случува во нашата држава, рече Таравари.