На чело на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не смее да биде партиски човек, но за Бојан Христовски немам доволно информации, вели министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Таравари вели дека не бил консултиран и дека изборот на директор на АНБ е на премиерот Христијан Мицкоски.
„Немам точни информации засега. Читав нешто по медиуми и по портали, меѓутоа не мора да значи дека сите тие информации се веродостојни. Ни требаат информации да собереме од сите страни и да се разговара. Ако е добро како решение, треба да продолжи. Ако не е добро, повторно премиерот треба да одлучи. Таму не смее да биде партиски човек. Генерално, гледам дека премиерот наоѓа решенија кои се релативно прифатливи, генерално зборувам, не велам стопроцентно, така што ќе видиме, ќе разговараме повторно, да ги добиеме сите информации“, вели Таравари.
На прашање колку се слуша гласот на „Вреди“ во владината коалиција и што мисли за ставот на ДУИ дека тие се подредени пред ВМРО-ДПМНЕ, Таравари одговара дека имаат значајна позиција во носењето одлуки во Владата.