Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.
Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.
– Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар, рече Таравари.
– Тендерот најверојатно ќе го поништам, има разно разни шпекулации, отворени сме за сите политички партии и за јавноста, коишто имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи, не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата што се прави на Клинички центар. На луѓето им треба приближно еден час да се паркираат, рече Таравари.
Министерот повтори дека се размислува за две опции, оти се отвора простор да бидат транспарентни и отворени за сите кои имаат идеја кое би било најдоброто решение каде што пациентите воопшто не би плаќале, или би плаќале што поевтино.
– Јас нема да дозволам да се злоупотребува името на Министерството за здравство, ова е тема за која се разговара пет-шест дена, ова е навистина загрижувачки и барам решение кое ќе биде општоприфатливо. Ги повикав ЈП Паркинзи да видам дали може тие да инвестираат во катни гаражи и да продолжат да стопанисуваат со паркинзите на Клинички центар, што е едно од можните решенија. И ако евентуално тие не можат, тогаш да размислиме за друга опција. Во меѓувреме ќе разговараме со сите чинители, политички партии, невладини организации, што имаат идеја како стигнеме до цена под 30 денари за паркинг за час, и да имаме поголем бенефит за општеството и за државата, рече Таравари.
Додаде дека на Клинички се потребни уште минимум 500 до 600 паркинг места, а за да нема никаква гужва неопходно е од 1000 до 1110.
Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство.
Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.