Алијанса за Албанците (АА) не добила предлог да ги земе министерските места за правда и здравство, а членството заедно со новото раководство на паријата, кое се бира денеска, ќе одлучува дали партијата ќе влезе во Влада или ќе продолжи како опозиција, изјави денеска претседателот на партијата Арбен Таравари, кој беше избран на оваа функција лани во декември.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали има конкретен предлог од премиерот Димитар Ковачевски, за влез во Владата, Таравари е дециден дека – нема. Според него, никаков фактор, ниту меѓународен, ниту домашен не може да се меша во Алијанса за Албанците, но најави дека ќе продолжи комуникацијата.
„Уште еднаш оти имаше обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ да им кажам кој политички фактор или која странска амбасада се вмеша Алијанса да биде во Владата, јавно им кажувам нема право никој да се меша во Алијанса за Албанците, ниту меѓународен фактор, ниту внатрешен фактор, ниту надворешен фактор. Меѓутоа, ние сме имале комуникација со нив и ни е кажано дека европската агенда треба по секоја цена да се протурка, дека не треба да се брза со избори, дека и ние сме кажале дека и ако сме опозиција и ако сме во Влада ќе ги изгласаме уставните промени“, изјави Таравари.
Инаку, веќе неколку месеци има најави за можен влез на Алијанса за Албанците во Владата. Првично од страна и на државниот врв и од партијата негираа дека има вакви разговори, за подоцна сепак да се стави отворено ова прашање. Таравари уште во октомври изјави дека не ја исклучува можноста дека Алијанса за Албанците е подготвена да разговара за влаз во Влада, но рече дека одлуката за тоа би ја донеле партиските тела на АА.
Партијата има осум пратеници во Собранието, кое е исправено пред предизвикот да донесе уставни измени за да продолжат преговорите за интеграцијата во Европската унија, за што е потребно двотретинско мнозинство.