Актуелен член на коалицијата ВРЕДИ – градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари синоќа во емисија на ТВ21 рече дека доколку во случај уставните измени не се донесат во период од 6 месеци, ќе размислат за своето учество во Владата.
– Ни требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без услови, без ништо, да се изгубат, 10 години за да станат дел од НАТО. ВРЕДИ е гаранција во Владата дека под секој услов ќе инсистира преговорите со Европската унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени. Тоа е услов – кажа Таравари.
Според него, досега со ВМРО-ДПМНЕ не е разговарано за поделба на ресори и кадровски решенија и ги отфрли како шпекулации информациите во медиумите дека барале одредени министерства.
Според Таравари, Договорот со Бугарија е затворена работа, исто како и Охридскиот рамковен и Преспанскиот договор. Тој смета дека не во 2030, туку во 2028 година Македонија има реална шанса да влезе во ЕУ.
За употребата на името Македонија рече:
„Не е забрането кога зборуваме јавно. Често велам Македонија, ниту „Република“ ниту „Северна“. Мислам дека г-ѓа Давкова се уште е во еуфорија на изборите. Мислам дека тоа не го направи свесно. Тоа го направи подекларативно за да покаже дека има некаква доследност со изборната кампања“ рече Таравари.