Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбер Таравари, најави дека заедно со коалицискиот партнер Алтернатива идниот понеделник ќе одржат протестен марш со пораката „Доста е“, со цел, како што рече, да го изразат револтот против злоупотреба на гласовите и полнење на кутиите на изборите од страна на ДУИ.
Како што најави Таравари на ТВ 24, протестот ќе почне од скопски Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија.
-Пораката од маршот е – доста е со полнење кутии, оставете го народот да ја изрази својата политичка волја, рече Таравари, додавајќи оти располагаат со имиња и презимиња дека гласале починати, а за тоа била информирана и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Според него, извршена е брутална кражба на гласови во албанскиот блок, поради што поднеле жалби до Управен суд за изборни прекршувања во Петтата и Шестата изборна единица. Сепак, тој смета дека тие нема да бидат прифатени бидејќи, истакна тој, во судот има судии блиски до ДУИ.
Во врска со прашањето околу преговорите за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламенатрното мнозинство, повторувајќи го ставот дека по 18 години треба да се случи промена кај албанскиот политички блок.