Алијанса за Албанците официјално одлучи да се приклучи кон опозицијата – објави партискиот лидер Арбен Таравари на својот Фејсбук-профил по вечерашниот состанок во Куманово со членови на Централното собрание на партијата.
Таравари ја свика денешната средба со делегатите на ова партиско тело за да побара поддршка за неговата одлука за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената започна!“ – објави Таравари на Фејсбук.
Говорејќи пред полна сала во Куманово, Таравари синоќа порача оти на 9 мај, еден ден по изборите, Алијанса за Албанците ќе биде главен одлучувачки фактор за иднината на земјава.
Им се обратил и на членовите на партијата кои не дадоа поддршка за неговата идеја за заеднички настап со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.
„Тие мислат различно од нас. Тие мислат дека промени се прават со ДУИ. Ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии. Несомнено е дека ќе се држиме до проевропскиот пат. Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ. Верувајте, ве уверувам дека Алијанса за Албанците во моментот кога ќе ја победи ДУИ, во 2025 ќе биде прва партија на Албанците во Македонија“ – изјави Таравари во обраќањето од состанокот во Куманово