Министерот за здравство Арбен Таравари се согласува дека една од причините што државните болници се дават во долгови е тоа што со години не е променет ценовникот на услуги што ги даваат, а кој доаѓа од Фондот за здравство.
– Мораме да направиме, бидејќи вака уште повеќе ќе ги задолжиме болниците. Бидејќи со тие пари што ги дава фондот на болницата, а болницата дава услуга која што пред 10 години била многу поефтина и сега нормално е многу поскапа во која било приватна ординација е невозможно да не се задолжува болницата. Така да, мора да се корегираат цените на услугите кои што ги дават болниците, а ги плаќа фондот, вели Таравари во денешното интервју за РСЕ:
Еден од клучните проблеми зашто толку се таложат долгови е непроменетиот ценовник за услуги од ФЗО, но според министерот потребна е цела стратегија за рационализација на работењето и долговите.
– Дефинитивно во вакви услови, кадешто имаме егзодус од Македонија, масовно иселување на луѓето од Македонија, кога Македонија веќе е некаде измеѓу 1,5 и 2 милиони жители, но не многу повеќе од 1,5 милиони, треба да размислуваме за рационализирање во здравството. Што значи тоа?
Ние добивме три сугестии за стратегија на македонското здравство. Едната беше од експерти од Европската Унија, која што ни ја презентира пред повеќето значителни фактори во здравството. Втората беше презентирана од експерти на Светската здравствена организација и третата го работат наши експерти, тукашни македонски, и сега треба да ги споиме трите во едно, додава Таравари.