На минатонеделната прес-конференција го претстави првиот дел од претседателскиот кабинет доколку стане шеф на државата, а денеска кандидатот за Претседател од ВРЕДИ – д-р Арбен Таравари го претстави вториот дел од кабинетот.
„Со мене како претседател по нашата победа на 8 мај, Претседателството ќе биде институција отворена за секој граѓанин. Претседателството ќе биде и репрезент на реалноста на нашето мултинационално, мултиетничко и мултикултурно општество. Граѓаните заслужуваат да бидат претставени од квалификувани и докажани луѓе во различни области од јавниот живот, од најдобрите меѓу нив, чиј придонес ќе се прошири на сите слоеви на општеството“ рече денеска Таравари.
Тој напомена дека „амбасадорот Халим Хида ќе биде дипломатски советник на Претседателството. Амбасадорот Хида докторирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Филозофскиот факултет. Моментално е амбасадор на мирот во светот и претседател на Здружението на албанските интелектуалци во Куманово и Липково. Јасмин Калац ќе биде правен советник на Претседателството. Јасмин магистрирал право на Универзитетот Кирил и Методиј, а докторирал кривично право на Универзитетот во Анкара. Урим Вејсели ќе биде советник за безбедност и заштита. Тој е доктор по политички науки, вонреден професор, предавач на повеќе факултети во Република Северна Македонија и Косово“.
Таравари ги претстави и д-р. Аријанит Река – портпарол, вонреден професор на отсекот хемија при Факултетот за математичко-природни науки, Универзитет во Тетово, како и Фулбрајт Алумни, за кого рече дека е докажан професионалец, автор на многу научни публикации.
„Јас и мојот тим сме тука да ве слушаме. Ќе слушаме, ќе разговараме и ќе се грижиме за секој од вас. Како претседател, заедно со овој тим, ќе бидеме обединувачки фактор и ќе работиме во најдобар интерес на сите граѓани на Северна Македонија, но и на генерациите што ќе дојдат после нас“ порача Таравари.