Министерот за здравство Арбен Таравари се надева на позитивен исход од вториот повик за компресорскиот систем за операционите сали на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје за да се постави целата инсталација. Како што рече Таравари на Канал 5, хируршките сали функционираат, но не со полн капацитет.
– На правата објава не се јави ниту една фирма. Од Служба за општи и заеднички работи презеде Министерството за здравство да направи втора објава, се надевам дека во втората објава ќе се пријави некоја компанија што поскоро да ја инсталираме целата инсталација – рече Таравари.
Тој изрази надеж за нов тендер за реновирање и нови сали, при што, како што дополни, ќе направат план пациентите да се третираат во другите болници и ќе инсистираат другите болници од периферијата, што имаат услови, да не ги праќаат пациентите во Скопје.
Во однос на времето на чекање на пациенти за операција, тој посочи дека државава има најкраток период на чекање. Прашан за назначувањето на нови директори, конкретно за директорот на Здравствен дом кој е со диплома за туризам, пак, министерот рече дека не секогаш докторите можат да водат некоја институција подобро.
– Јас секогаш сум инсистирал дека јавните здравствени установи е најдобро да ги раководат доктори, меѓутоа не секогаш докторите можат да раководат подобро. Здравствените институции може да ги води економист, доктор, стоматолог, фармацевт – рече министерот.