Доктори кои „избегале“ од јавното здравство, бараат да се вратат на државните клиники, соопшти денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Според него, станува збор за искусен кадар со над 10 години работно искуство.
„Доктори од приватното здравство, сакат да се вратат во јавно здравство. Ние ќе бараме решение како специјалистите да ги вратиме. Ова нѐ прави горди, гледаме дека има интерес од докторите од приватно здравство да се вратат во јавно здравство“ – рече Таравари.
Заложбата на здравствениот систем е да го стопира одливот на квалитетен кадар, рече тој.
Таравари потврди дека е зголемен бројот на регистрирани позитивни на Ковид во земјава и укажа дека треба да се почитуваат анти ковид-правилата за проветрување и хигиена. За хоспитализираните пациенти кај кои ќе се открие вирусот, рече дека треба да продолжат да се лекуваат на истата Клиника.
– Има пораст на бројот на регистрирани со Ковид во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат – треба да се придржуваме на правилата – отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите што се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Ковид, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, рече министерот Таравари