Членот на ВЛЕН, Арбен Таравари вчера порачал дека во моментов организираат партиски собири со членови на Алијанса за Албанците, почнувајќи од Липково, а завршувајќи во Струга. Ова следува откако Апелациониот суд во Гостивар го врати на повторно судење предметот за чија е партијата и ги прифати жалбите на Арбен Таравари.
Со одлука на тетовскиот суд во април годинава, печатите на партијата Алијанса за Албанците му припаднаа на крилото на Зијадин Села.
Во Основниот Суд Тетово се водеа два предмети, односно две барања за упис на промени во судскиот регистар на политичките партии во кој како барател и во двете барања се јавува Алијанса на Албанците со седиште во Тетово.
Како што пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во земјава, Таравари вчера рекол и дека партискиот конгрес треба да се одржи на 10 ноември во Тетово.
Таравари зборувал и за формирањето на Албанската академија, при што истакнал дека истото било предизборно ветување.
„Нашата идеја и предизборно ветување беше да формираме Академија на науките и уметностите, која е многу благородна и не е против никого. Во иднина се надеваме дека ќе најдеме институционално решение, за момент тоа ќе го финансираат општините“, посочил министерот.